Здравствените работници ги советуваат граѓаните да бидат внимателни и да се заштитат од силните сончеви зраци и летните горештини. Дел од главните препораки се да не се излегува надвор без потреба во време кога сончевите зраци се најсилни, да се носи полесна облека, да се пие повеќе вода, да се штити кожата со крема за заштита од сонцето, дури и на поблиски дестинации. Лицата со повеќе бенки на телото треба да бидат особено внимателни во летниот период, нагласуваат медицинските лица.

Претседателот на Здружението на приватни лекари на Македонија, доктор Лилија Чолакова Дервишова за МИА вели дека е потребно да се користат заштитни фактори, со цел граѓаните да се заштитат од јаките сончеви зраци.

Временските услови нагло се променија, се покачија температурите, се зголеми УВ факторот. Пациентите мора да внимаваат да се заштитат од јаките сончеви зраци, да се користат заштитни фактори, да се заштити кожата, особено оние лица кои се побели и имаат помалку пигмент, вели д-р Чолакова Дервишова.

Таа посочува дека луѓето кои подолго време се изложени на високи температури без заштитни средства, може да добијат кожни промени, кои можат да се движат од лесно црвенило, до изгореници од сончевите зраци.

Но, може да се појават и промени кои се предканцерозни или кожни ракови/ планоцелуларен, базоцелуларен карцином. Оние лица кои имаат многу бенки по телото, исто така да ги заштитуваат со заштитни креми, најдобро да е со фактор 50, бидејќи може многу лесно таквата бенка да премине во малигна, истакнува Чолакова Дервишова.

Таа додава дека пациентот треба веднаш да се јави кај дерматолог, доколку забележи некаква промена кај бенките.

Секој пациент кој ќе забележи промена на површината на бенката, границите, промена на бојата, дијаметарот, мора веднаш да се јави кај дерматолог и да се види под дерматоскоп каква е промената и навреме да се реагира, подвлекува Чолакова Дервишова.

Таа ја истакнува важноста да се пијат што повеќе течности за време на летниот период.

Друг момент на кој треба да внимаваат пациентите, кога станува збор за вакви високи температури, е рехидратацијата, значи внос на течности, кои не се ладни, природни сокови, многу овошје, лесна храна. Никако да не се пијат многу ладни напитоци, тоа прави шок во човековиот организам, кој има нормалана температура од 36.5 до 37, апелира Чолакова Дервишова.

Како што појаснува таа, поради сите временски промени, одреден процент на пациенти имаат и почести вртоглавици. Им варира крвниот притисок, па затоа мора да се внимава со внесувањето на солена храна, да се консумира помалку сол, да се консумира помалку кафе.

Алкохолни пијалаци да не се внесуваат на овие жештини, бидејќи дополнително ги прошируваат крвните садови и може да дојде до прскање на истите. Многу поризично е ако се пациенти со хронични болести и склеротични крвни садови, нагласува Чолакова Дервишова.

Многу важни се и прошетките, кои треба да се практикуваат наутро или навечер, а не во време кога надвор е најтопло. Да се движиме под сенка кога околностите го дозволуваат тоа.

Движењето е основно за да биде некој здрав, да потрошат мускулите шеќер кој е вишок во организмот. Затоа препорачувам движење по десет километри секојдневно, но, или рано наутро или во попладневните часови, вели докторката.

(фото: AAP)

Оние кои сакаат да влезат во базен, река, езеро или море, со цел да се освежат од неподносливите горештини, потребно е да му дозволат на нивното тело да се прилагоди на температурата во водата. Да не се влегува веднаш во водата, притоа не давајќи му можност на телото да се навикне на промената.

При пливање во локалните базени или езера, никогаш нагло да не се влегува во водите, туку постепено со прилагодување на телото со температурата на водата, препорача Чолакова Дервишова.

Доколку се послушаат советите на лекарите, најверојатно ќе се помине и ова лето во добра кондиција и добро расположение. А во меѓувреме, граѓани на социјалните мрежи препорачуваат да не се патува во лето за време на најжешките часови, доколку патувањето може да се одложи. Како што велат, никогаш не можеш да бидеш сигурен дали превозот ќе биде климатизиран или не.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.