Алармантното ниво на ПМ честички во воздухот освен детските болници ги наполни и ординациите на матичните педијатри. Речиси секое дете е со иритирачка кашлица. Аерозагадувањето во комбинација со вирусите и бактериите дополнително ја усложнува работата на лекарите. Во овој период децата со астма и хронични заболувања се меѓу најчестите пациенти. Поради енормното загадување, доктор Андоновски вели до израз дојдоа и децата со алергии.

„Навистина треба да бидеме претпазливи кога станува збор за оваа група на дечиња. Нивното белодробие е доста нагризено и ослабнато и на нивното здравје влијае и оваа ситуација. Што може да се забележи, нивната клиничка слика тие имаат зачестена кашлица, појавата на температурата е само доколку дојде до примеси со некој вирус или бактерија и она што може да остави голем впечаток е иритирачка, постојана кашлица која не престанува две недели“, изјави д-р Ангелчо Андоновски, специјалист педијатар.

Загадувањето е опасно по здравјето на децата, затоа е неопходно да се престојува надвор од градските средини, на чист воздух. Препораки и за користење витамини и минерали и консумирање здрава храна.

Кога воздухот е загаден да се избегнува престој на отворено – советуваат лекарите. Ова особено важи за децата, повозрасните и хронично болните.

Доколку пак е неопходно да се излезе надвор, најдобра заштита е носењето маска. Според светското рангирање, Скопје и оваа зима е меѓу најзагадените градови.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.