Комисијата за интрахоспитални инфекции при прилепската градска болница „Борка Талески“ по денешниот состанок се огласи со соопштение во кое нагласува дека во Болницата се постапува според годишна програма во согласност со правилникот на Министерството за здравство кој подразбира сузбивање и превенција на интрахоспитални инфекции. Велат дека се два случаи за кои може да се каже дека спаѓаат во интрахоспитални инфекции.
-Пријавени се вкупно два случаи кај кои може да се каже дека спаѓаат во интрахоспитални инфекции. Првиот случај е вадење на остеосинтетски материјал, во чиј изолат е најдена бактерија Serattia, рана чиста неинфицирана, а пациентот во добра здравствена состојба и излекуван е пуштен дома. Вториот случај е пациентка која е дојдена за експлоративна интервенција по што е пуштена дома и е вратена следниот ден со покачена телесна температура, по што тогаш е земена крв за хемокултура и притоа е најдена Staphilococcus epidermidis (бактерија која сите ја имаме на кожата), а двете последователни хемокултури се без наод. Уште пред добивање на наодот од микробиологија емпириски е почната комбинирана антимикробна терапија соодветна на антибиограмот. Пациентката беше пратена на лекување на терциерно ниво на клиниките во Скопје каде продолжија со соодветно лекување, но за жал случајот заврши летално. Други случаи за пријава на интрахоспитална инфекција во нашата болница нема, соопштуваат од Комисијата.
Прилепската болница е темелно вонредено пречистена, дезинфицирана и во текот на денот очекуваат да стигнат неколку конечни наоди.
– Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат редовно се прават месечни и тримесечни контроли со исправна микробиолошка состојба што е случај и сега. Комисијата за интрахоспитални инфекции секој ден одржува состаноци, ги разгледува резултатите и донесената одлука да се одложат операциите поради превенција, беше одлука на Комисијата, а не на надворешни контроли, како што сега по вонредните контроли и чиста состојба ќе бидат пуштени во работа. Болницата е темелно вонредено пречистена, дезинфицирана и по налог на комисијата за спречување и превенција на интрахоспитални инфекции ќе бидат пуштени операционите сали во работа со неколку конечни наоди кои се преработуваат и треба да стигнат во текот на денот, се вели во соопштението на Комисијата за интрахоспитални инфекции при приепската градска болница.
Во меѓувреме се очекуваат резултатите од земените брисеви во операционите сали на гинекологија, хирургија и на ортопедското одделение, и од персоналот, како и наодот од обдукцијата за причините за смртта на 52-годишната пациентка која минатата недела по интервенција на одделението за гинекологија со компликации е пратена на скопските клиники каде починала. Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Рената Младеновска рече дека не сакаат да шпеекулираат додека стигнат резултатите и ги очекуваат наскоро.
-Се додека не добиеме резултати не смееме да шпекулриаме што е причината за смртта на пациентката. Апелирам да се причекаат резултатите од обдукцијата и се надевам дека наскоро ќе имаме информација, ни изјави Младеновска.
Прилепското обвинителство по допрен глас отвори предмет за состојбите со болницата. Почна да прибира информации и документација од здравствениот Инспекторат, од Болницата, а и полицијата да преземе дејствија за три случаи на лекување кои се искомплицирале.
Операционите сали во прилепската болница осми ден се затворени, а итните случаи се праќаат во блиските регионални болници.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.