За да ги потсетат родителите колку е важно да ги вакцинираат децата и за да се зголеми опфатот, УНИЦЕФ и Министерството за здравство подготвија комуникациски материјали кои беа дистрибуирани на локации кои родителите често ги посетуваат, како и во градинките, вакциналните пунктови и породилиштата. Оваа недела беше насликан и мурал во центарот на Скопје со потсетување до родителите и стрателите дека, да ги вакцинираме нашите деца, значи да бидеме сигурни дека се заштитени.
Муралот, посочуваат од УНИЦЕФ, симболично ја осликува потребата на родителите и старателите да направат сѐ за да ги заштитат децата. Во тој обид да го заштитат здравјето и безбедноста на децата, додаваат, родителите треба да знаат дека редовната вакцинација во детството е најбезбедниот, најлесниот и високо делотворен начин за заштита на здравјето во детството и низ целиот понатамошен живот.
Државните институции ги презентираа најновите податоци за опфатот со редовни вакцини за деца во април годинава, предупредувајќи дека опфатот е низок на државно ниво, особено за вакцината против мали сипаници, рубеола и заушки (МРП). Иако стапките на вакцинирани деца во 2021 (за прва доза МРП 70,4 проценти, а за втора доза 80,4 отсто) се зголемени во споредба со стапките во 2020 (за прва доза МРП 63 посто, а за втора доза 68,5 отсто), овој опфат е далеку од потребниот процент од 95 посто вакцинирани деца за постигнување колективен имунитет и заштита во заедницата, наведуваат од УНИЦЕФ.
Оттаму посочуваат дека загрижува тоа што стапките на вакцинација против МРП во 2021 се значително пониски од оние во 2018 година (МРП1 – 74,8 посто и МРП2 – 93,8 проценти) кога земјата се соочи со епидемија на мали сипаници, која предизвика четири смртни случаи на деца на возраст од 5,5 до 13 месеци, сите невакцинирани со МРП вакцината.
Треба постојано да зборуваме за придобивките од редовната вакцинација во детството, не само за време на Неделата на имунизација. Секој родител сака да го заштити своето дете и нормално е да бара информации. Но не смееме да дозволиме лажните информации да ја стават под прашање довербата во вакцините, рече претставникот на УНИЦЕФ во Македонија, Патриција ДиЏовани.
Таа апелираше до родителите и старателите да им ја обезбедат на нивните деца заштитата што ним им ја обезбедиле нивните родителите во минатото.
Во 21 век не смееме свесно да го загрозиме здравјето на децата и да ги изложиме на ризик од болести кои може да се спречат со вакцини кои е докажано дека се безбедни и високо ефикасни. Благодарение на високите стапки на вакцинација, некогашните деца, а денешни родители, ја имаа таа среќа да растат без да искусат некој член од семејството или пријател да им почине или да страда од доживотна попреченост од болести како што се малите сипаници или полио. Иронично, ова е една од причините зошто некои веруваат дека болестите што може да се спречат со вакцини не се повеќе закана по луѓето. Контактирајте со вашиот матичен лекар или педијатар, отидете до најблиската здравствена установа или пункт за вакцинација, рече ДиЏовани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.