Премиерот Димитар Ковачевски синоќа доцна навечер разговарал со министерот за финансии  Фатмир Бесими да се изнајде начин како да им се исплатат платите на вработените во јавното здравство.

Здравствените работници сѐ уште немаат земено плата за јануари.

Во наредните денови ќе има решение. Меѓутоа, свесен за тоа дека вработените немаат земено плата, а дека имаат свои обврски по кредитни, дебитни картички итн., разговаравме да може да се направи исплата преку Централниот трезор, а потоа да се направи порамнување со трезорот во ФЗОМ, изјави Ковачевски, кој присустуваше денеска на отворањето на новата градинка во скопско Волково.

Ковачевски смета дека блокираната интернет страница на Фондот за здравствено осигирување (ФЗОМ) која веќе неколку дена не е во функција, претставува хакерски напад. Со експертски тимови од Германија, како што соопшти денеска, се работи на овој проблем, но разговарано е и со Министерството за финансии да се изнајде начин за исплата на плати на вработените во здравствениот сектор.

Ковачевски апелира до корисниците на ФЗОМ да бидат трпеливи, зашто, како што напомена, се прават максимални напори да нема застој во давањето на услугите.

Сe работи за хакерски напад на ФЗОМ, за ист тип хакерски напад каков што имаа Министерството за земјоделство пред извесен период и некои други институции. Се работи за напад кој е дел од хибридната војна што се води моментно во Европа покрај класичната војна во Украина по нападот од страна на Русија. На вакви напади беа изложени голем број институции во голем број држави и тоа особено членки на НАТО. Сетете се само на хакерските и на сајбер нападите што беа во Албанија и во Црна Гора и во други држави. Тимовите на Министерството за здравство и на ФЗОМ, пред се, но и на други институции, работат заедно со експерти и професионалци од Германија и од други партнерски држави со цел да се реши проблемот, бидејќи во овој момент не може да функционира трезорот и исплатата на финансиските средства од ФЗОМ по различни основи. 

Според премиерот, се работи за комплексна операција.

Упатувам апел до сите вработени во здравствениот сектор, до сите корисници на ФЗОМ, да имаат трпение, бидејќи навистина вработените во ФЗОМ деноноќно работат со цел овој проблем да биде решен во корист на сите корисници на услугите на ФЗОМ. Ние обезбедивме преку вработените во ФЗОМ во изминатиот период да нема застој во давање на услугите со тоа што ги продолжија и своите работни часови вработените, дел од процедурите беа променети од дигитално во мануелно процесирање на барањата на осигурениците, особено на оние што одат од државните во приватниот сектор и обратно за одредени прегледи и за одредени интервенции, подвлече Ковачевски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.