Печурките се многу корисни за човековото тело, бидејќи дејствуваат делотворно на здравјето поради нивната хранлива вредност.

Печурките се богати со витамин Д, кој е исклучително корисен. Недостатокот на овој витамин е поврзан со замор, нарушено здравје на коските, намалена функција на имунолошкиот систем и зголемена подложност на хронични болести, вклучително и одредени видови рак… Поради нивните лековити својства, печурките се користат во медицината повеќе од 2.000 години. Тие содржат соединенија коишто предизвикуваат имунолошки одговор на повеќе нивоа – слично како „група војници кои водат неколку битки истовремено во седум војни“. Печурките се познати и по својот широк спектар биоактивни состојки, пред сè по бета-глуканите кои го зајакнуваат имунитетот – објаснува нутриционистката Никол Стефанов.

Истражување објавено во стручното списание „Фуд сајенс енд нутришн“ (Food Science & Nutrition) покажува дека со редовно консумирање печурки внесувате доволно количество микронутриенти во телото без зголемување на нивото калории, масти и натриум. Печурките се богати со селен – хранлива материја којашто има антиоксидантни својства што помагаат при намалување секаков вид воспаление. А, добро делуваат и на работата на цревата, односно на системот за варење.

Многу студии покажаа дека печурките дејствуваат како пробиотици. Не само што го подобруваат варењето, туку можат да бидат корисни и за луѓето со дијабетес. Имено, печурките имаат способност да менуваат одредени цревни бактерии и на тој начин ослободуваат инсулин од бета-клетката на панкреасот – додава Стефанов.

Луѓето кои јадат печурки имаат и помала веројатност да страдаат од депресија. Истражувачите го припишуваат ова на многуте биоактивни соединенија во печурките, вклучително и витаминот Б-12 и антиоксидансите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.