Деца од градинките и основните училишта во Охрид ја преработија песната „We are the world” во чест на другарчињата болни од ретки болести.
Тие неколку години по ред во февруари, месецот посветен на ретките болести со преработка на некој светски музички хит се солидаризираат и ја покажуваат својата емпатија не само кон нивните другарчиња со ретки болести, туку и кон предизвиците со кои тие секојдневно се соочуваат.
Песната е креативен начин да се изрази поддршка од страна на група дечиња на лицата кои се справуваат со ретки болести, особено на децата кои боледуваат од некоја ретка болест, велат од Здружението „Ретко е да си редок“.
Оваа година во студиото продуцентот Јовица Каралиевски во изведба на К-2 ѕвездичките и детскиот хор „Ѓердан од бисери“ под водство на Татјана Узуноска Тренеска децата од градинките и од основните училишта од Охрид учествуваа во преработката на светскиот хит „We are the world” (Ние сме светот).
Продукцијата е на Digital Box и Борче Димоски.
Гордана Лолеска, претседателката на здружение „Ретко е да си редок“ Охрид вели дека со текстот на песната децата ги повикуваат возрасните да им се даде шанса на сите деца да имаат иднина, што за лицата со ретки болести значи, вложување во медицински истражувања и понуда на соодветна терапија која ќе им овозможи на лицата со ретки болести поквалитетен живот и живот без значителни здравствени потешкотии. Како што порачуваат децата, доколку возрасните (институциите) се грижат за децата и децата ќе се грижат да создадат похуман свет во кој ќе стареат возрасните и секако свет во кој секој би имал шанса за многу поубав и поквалитетен живот.
Во песничката се вели “тука сме само јас и ти“ и одговорност на возрасните, односно институциите и креаторите на политики е да создадат поубава иднина на децата, а децата имаат право да го побараат тоа од нив, без да бегаат од одговорност или да ги оставаат работите за некое ново и поубаво „утре”, вели Лолеска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.