За системот на тотална инклузија кој го наметна власта не проверија на терен каква е состојбата, не се прашани тие кои се во праксата, не се консултирале со ниту еден професор од катедрата за специјална едукација и рехабилитација, изјави Катерина Ангелова, магистер по специјална едукација и рехабилитација од областа на специфични тешкотии во учењето, на дебатата во Македонски Брод насловена „Во Македонија мора да има достоинствено место за лицата со предизвици“ во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“

Едноставно директно го имплементираа во образованието без да извршат подготовка. Нема доволно кадар во редовните училишта, за да бидеме во тотална инклузија треба да се вработи комплетна стручна служба, медицинско лице и негувател. Асистентите се од различни профили и тие не се обучени, имаат кратка обука од 3 до 5 дена. Воопшто не се спремни да им помогнат на учениците за да следат образование по нивна мерка, истакна таа.

Ангелова додаде дека инклузијата како инклузија треба да постои, но треба да се постават граници кои ученици може да се инклузираат во зависност од нивната интелектуална способност.

До лесна интелектуална попреченост и некои други состојби да, но од умерена и тешка на тие ученици им е потребно посебно училиште. Јас сум дефектолог во основно училиште, ние како луѓе хумани ги прифаќаме децата, но тие не често се исполнети, не се стекнуваат со знаења и вештини потребни за животот, проблемот настанува кога доаѓа до предметна настава која е апстрактна за нив, немаат препознавања, изјави Ангелова.

Ангелова вели дека таквите деца може се да речеме на возраст од 11, но менталната им е на 5-6 години и тука се губи смислата на тоталната инклузија.

Воедно посочи дека наставниот кадар не е обучен, со обуки од 3 саати не може да бидеш спремен на тие деца да можеш соодветно да им пренесеш знаење.

– Жално е што акцентот е ставен само на основното образование, инклузијата претставува грижа од самото детектирање до старост, низ целиот животен процес. Во средни училишта пред се нема дефектолози и не може да им се објасни дека треба да има, а децата се запишуваат. Жално е што се направи овој проблем со тотална инклузија. Јас сум за инклузија, но сега има изгубени деца, експерименти, што ништо нема да се случи понатаму да имаат квалитетен живот за нив, истакна таа.

Ангелова нагласи дека сега меѓународната комисија за функционалност во Македонија се наоѓа само во Скопје, родители закажуваат по 6 месеци и добиваат 4-5 реченици со цели кои треба да се постигнат за две години, вон тие цели ништо не може да се менува, а може детето побрзо да напредува.

Според неа треба да се почне од почеток, да се вратат посебните училишта во функција да се инклузираат целите семејства затоа што нивниот живот се разликува, да се отворат сервиси кои ќе се на располагање на тие семејства, тим да работи со цело семејства,  системот да се смени.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.