Стартува со работа лабораторијата за производство „ФЕИТ ФабЛаб“ при Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ). Новиот простор што треба да им овозможи на студентите работа на реални проекти ползувајќи ги можностите на дигитализацијата во производните процеси, е отворен и за приватниот сектор, како и за млади креативци и иноватори кои тука ќе имаат можност да ги реализираат своите идеи.

Како што информира ФЕИТ, на официјалното отворање на „ФЕИТ ФабЛаб“, кое е реализирано со поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој(ФИТР) присуствуваа и директорот на ФИТР Фестим Халили и проректорот за финансии, инвестиции и развој проф. д-р Биљана Ангелова.

Деканот на ФЕИТ Димитар Ташковски објасни дека „ФЕИТ ФабЛаб“ ќе ги обедини на едно место сите досегашни работилници и школи на ФЕИТ, како и работилниците за вградливи микрокомпјутерски системи, Робомак, Технологија за тебе и програмата INNO-SAE во соработка со Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ.

Лабораторијата за производство „ФЕИТ ФабЛаб“ е уште еден чекор кон трансформација на ФЕИТ во истражувачка и претприемнички ориентирана високо образовна институција подготвена за предизвиците на новото време. ФЕИТ посветува посебно внимание на развојот и квалитетот на своите студенти, а со „ФЕИТ ФабЛаб“ се отвора и за поголем круг на млади луѓе кои можат своите идеи за иновации да ги реализираат кај нас. Благодарејќи на ФИТР, „ФЕИТ ФабЛаб“ поседува најсовремена опрема за експериментирање и прототипизирање на иновативни идеи, а ФЕИТ инвестираше во адаптација на современ простор согласно бараните меѓународни стандарди за ФабЛаб, рече деканот на Факултетот за електротехника и информациски технологии Димитар Ташковски.

Ташковски дополни дека очекува нововоспоставената „ФЕИТ ФабЛаб“ да придонесе за подигнување на нивото на активностите на факултетот, отворање на нивните простории за млади и заинтересирани луѓе да работат на иновативни идеи, како и поддршка на целокупниот процес на економски развој во државата.

Според директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Фестим Халили, идејата е преку кофинансирање на проектите за отворање на ФабЛаб лаборатории за производство да се обезбеди за младите и средношколците пристап до современи технологии.

Фондот за иновации и технолошки развој првпат реализираше еден поинаков предизвик, насловен како „Предизвик за воспоставување на лаборатории за производство FAB LABS – Младите создаваат“, со што почнавме да вложуваме во развојот на националната иновациска инфраструктура. Со овој тип на вложувања, ФИТР значително придонесува кон воспоставување на четворниот хеликс систем кој подразбира блиска соработка помеѓу академската заедница, индустријата, граѓанскиот сектор и јавниот сектор. Навистина сум горд што со отворањето на „ФЕИТ Фаб Лаб“, им даваме шанса на сите млади ентузијасти да ги унапредат своите вештини и потенцијал, директно да учествуваат во научно истражувачката дејност и да влијаат на развојот на нивната кариера и нашето општество, изјави директорот на Фонд за иновации и технолошки развој.

Проректорката за финансии, инвестиции и развој при УКИМ проф. д-р Биљана Ангелова потенцираше дека вмрежувањето во системот на истражувачките лаборатории е начинот за една ФабЛаб да ја реализира својата мисија и да обезбеди пристап до интернационалното опкружување со иноватори. Овие лаборатории се простор каде соработуваат млади иноватори и креативци со приватниот сектор, високо – образовните и научни установи, претпријатија и граѓански здруженија.

Мултидисциплинарниот тим на ФЕИТ што работи на овој проект ќе придонесе за студентите, инженерите, младите иноватори и креативци на еден поинаков начин да ги развијат своите идеи, затоа што идејата за ФабЛАб е да овозможи отворен пристап до иновации и технологија, дигитализирани производни процеси за сите оние со креативни идеи. Во светот функционираат над 1800 ФабЛаб лаборатории. Верувам дека наскоро и нашиот „ФЕИТ ФабЛаб“ ќе се вмрежи во системот на истражувачки лаборатории во опкружувањето, потенцираше проректорката за финансии, инвестиции и развој при УКИМ Ангелова.

„ФЕИТ ФабЛаб“ нуди основни и напредни курсеви и менторство во повеќе области како што се: моделирање за 3Д печатење и работа со 3Д печатач, практична електроника и вградливи микрокомпјутерски системи, слободен и отворен софтвер и други. Приходите кои лабораторијата, која ќе биде достапна и за приватниот сектор како one-stop-shop за свои сопствени развојни и истражувачки потреби, ќе се користат за понатамошниот развој и обезбедување на одржливост на лабораторијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.