Меѓу поголемите летни празници што македонскиот народ ги празнува со многу обичаи и верувања спаѓа и празникот во народот познат под името Иванден, всушност, празник посветен на раѓањето на свети Јован Крстител.

Свети Јован е наречен Крстител затоа што го крстил Исуса, а наречен е уште и Претеча што значи претходник. Со своето учење тој му претходел на Исус, одел пред него и го најавувал неговото доаѓање. Именден празнуваат: Иван, Иванка, Јанко, Јане, Јана…Со Иванден се поврзани многу обичаи и верувања

Со Иванден се поврзани многу обичаи и верувања. Имено вечерта спроти празникот се бери папрат, а тоа пак е поврзано со верувањето во неговата апотропејска моќ. Папратот се става на постелата и на него се спие за здравје, а рано наутро на самиот ден Иванден се плетат венци што се ставаат во бавчите за да ги чуваат од разни болести, временски непогоди како и други несреќи.

Вечерта спроти празникот жените берат цвеќе што се вика Иванден, коешто го ставаат на ковчезите со алиштата за да ги чува од молци.

Со празникот Иванден е поврзан и обичајот Тајане, што се изведувал во повеќе краишта на Македонија, но најдолго се задржал во Прилепско, Битолско и Крушовско. Имено вечерта спроти Иванден момчиња и девојки собирале билки со кои закитувале едно ѓумче и го полнеле со вода од три чешми. Едно од нив на возраст од 10-12 години го носело ѓумчето на глава и него го викале Тајанее, а другите момчиња и момичиња оделе околу него и му пееле пригодни песни. Утрото групата со Тајането одела по дуќаните, каде што, исто така, пееле песни и собирале подароци, од кои потоа правеле заедничка вечера.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.