Меѓу позначајните празници што македонскиот народ ги празнува со по­себ­но внимание се и неколкуте празници на пресвета Богородица, мајката на спа­сителот Исус Христос. Поради тоа и повеќе цркви низ цела етничка Македонија го но­сат нејзиното име.

Еден од тие празници Православната црква  го празнува на 28 август обележувајќи го земниот крај на Пресвета Богородица и Нејзината смрт ја нарекува „Успение“ – раскошен термин кој во себе ги соединува сонот, блаженството, мирот, спокојството и радоста.

Народот верува дека Богородица е заштитничка на леунките и на жените им помага при породувањeто. Исто така, и жените што немаат деца веруваат дека со милоста на пресвета Богородица ќе добијат рожба поради што ги посетуваат нејзините цркви, изведуваат некои обичаи, се молат и принесуваат дарови. Македон­скиот народ со повеќе свечености но и со народни собири, панаѓури и сл. што траеле и по неколку денови ги прославувал празниците на пресвета Богородица како што се Мала и Голема Богородица, Собор на пресвета Богородица, Вове­де­ние на пресвета Богородица (празник познат уште и под името Света Пречиста), Све­то плаговештение, Богородичин појас, Покров на пресвета Богородица, Со­бор на пресвета Богородица и сл.

По раѓањето на Исус, Богородица живеела уште 48 години, извесен период кај свршеникот (старател) Јосиф, кај синот Исус, a по неговото распетие и вос­кр­се­ние каj неговиот ученик и апостол свети Јован Богослов. За сето тоа време таа би­ла директен сведок на многу важни настани што се од значење за христијанската црква.

Кога Исус бил распнат Богородица стоела покрај крстот и плачела како секоја мајка над судбината на својот син. Од крстот Исус ѝ порачал во иднина да живее кај апостолот Јован и да го има за свој син, а нему му порачал да ја има за своја мајка. Светото евангелие според Јована за ова сведочи: „А Исус, штом ја ви­де мајка си, и ученикот кого го љубеше како стои ѝ рече на мајка си: Жено, ете ти син! Потоа му рече на ученикот: Ете ти мајка! И од тој час ученикот ја зеде при себе“ (Јован 19/26, 27) Се поставува прашањето зошто Исус од крстот на мајка си ѝ се обратил со „Жено“ а не со „Мајко“? Истражувачите на оваа проблематика сметаат дека со тоа сакал да ја заштити од своите непријатели: „Околу крстот Христов се наоѓале неговите најголеми непријатели и Он така и ce обратил за да ја заштити од нивната дрскост и злоба, оти тие ако знаеле дека тука е неговата мајка, можеби ќе ѝ нанеле и нејзе некое зло“.

За време на слегувањето на светиот Дух врз апостолите со нив била и Богородица така што и врз неа слегол светиот Дух и и таа ги примила неговите дарови. Потоа апостолите останале во Ерусалим уште 10 години, а за тоа време Бо­городица живеела кај свети Јован Богослов. Но кога Ирод ги почнал своите големи прогони на христијаните апостолите со ждрепка решиле кој каде да оди и да го проповеда евангелието. Јован со Богородица отишол во Ефес, од каде што таа ги посетила св. Игнат Богоносец во Антиохија, св. Лазар воскреснатиот од Ису­са, кој бил епископ на Кипар и Света Гора, која во таа пригода и ја благо­сло­вила. И по враќањето во Ерусалим, Богородица живеела во домот на апостолот и евангелист свети Јован Богослов и ги посетувала местата на кои за време на животот на Исус се случиле важни настани како што се Голгота, Витлеем, Гетси­ма­нија, Елеонската Гора, потоа гробот на Исус итн. Во овие посети некои истра­жу­вачи гледаат зачеток на христијанскиот аџилак.

Особено Богородица често го посетувала гробот на својот син и го молела што побргу да ја земе кај себе. Набргу Господ Исус Христос и пратил вест дека е скоро часот кога таа ќе умре. Истиот оној архангел Гаврил што ѝ ја соопштил благата вест дека ќе го роди Спасителот, сега и кажал дека е дојдено времето кога таа ќе се пресели кај својот син. Ѝ предал рајска палмова гранка како победа на животот над смртта со барање да ја носат пред одарот за време на погребот. Богородица не се исплашила од оваа вест туку се израдувала што наскоро ќе биде кај својот син. My кажала на Свети Јована, му ја предала рајската гранка и започ­на­ла да се подготвува за напуштање на овој свет. Посакала да ги види сите апо­сто­ли кои поради прогоните на Ирод но и поради своите обврски да го шират христијанството биле растурени по светот. Носени од некоја таинствена сила сите апостоли веднаш пристигнале, со исклучок на Тома кој бил многу далеку и во тој мо­мент не можел да дојде.

На 15. ден во месецот, во третиот час од денот Богородица била легната во ковчегот, многу свеќи ја осветлувале просторијата, а апостолите пееле и го славеле Господа Исуса Христа. Богородица го очекувала својот син да ја поведе на небото. Одеднаш силна светлина ја исполнила просторијата, Исус сле­гол од небото со многу светци и анѓели, a Богородица гледајќи го него извикнала: „Мојата душа го велича Господа, и мојот дух се зарадува во Бога, Спаси­телот мој, оти ја погледна смиреноста на слугинката Своја, и ете, отсега ќе ме ублажуваат сите родови“, (Лука, 1/46-48) по што без болки ја предала својата ду­ша во рацете на својот син. Тогаш анѓелите го запеале поздравот од Благовеш­тение: „Радувај се благодатна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените“. (Лука, 1/28) Во тој момент апостолите виделе како со оваа песна ангелите, заедно со Исус, ја носат душата на Богородица кон небото. Лицето и светело како сонце, а од телото се ши­рел пријатен мирис од кој се излечиле многу болни.

По сопствена желба Богородица била погребана во Гетсиманската градина, каде што биле гробовите на нејзините родители Јоаким и Ана и на свршеникот (ста­рателот) Јосиф. За време на погребот Светиот апостол Јован ја носел рајската гранка пред погребната поворка, апостолите го носеле телото на Богородица, а над нив се слушало пеењето на ангелите.

Светол облак ја завиткувал поворката и непријателите не можеле да се приближат, иако постојано ја следеле и се обидувале поворката да ја растурат, а телото на Богородица да го запалат. Во еден момент на едно место малку се поткренал облакот и се видел ковчегот во кој била Богородица. Тогаш еден од ев­реј­ските свештеници се затрчал кон него, го фатил со рацете за да го преврти. Но во тој момент невидлив анѓел со меч му ги отсекол рацете и дланките останале залепени на ковчегот. Свештеникот се покајал за тоа што сакал да го направи и заплакал, a апостолот Петар му рекол да ги допре рацете до пресечените дланки. Кога тоа го направил се случило чудо, рацете зараснале како никогаш да не биле пресечени. Сите што виделе се увериле дека Исус навистина е синот Божји и на тој ден многумина се крстиле и го примиле христијанството. Телото на Богородица било положено во гробот во Гетсиманската Градина и врз отворот бил ставен го­лем камен. Три дена апостолите пееле псалми, а од воздухот се слушало пее­њето на анѓелите. Третиот ден по погребот пристигнал апостолот Тома кој што многу жа­лел затоа што не присуствиувал на погребот на Божјата мајка и побарал апо­сто­лите да му го отворат гробот за да се поклони пред телото на Богородица. Апо­сто­лите му ја исполниле желбата, го отвориле гробот но на општо изнснадување телото не било внатре. Имало само некои погребни платна од кои се ширел при­ја­тен мирис. Тогаш се јавила Богородица и им соопштила дека на третиот ден по погре­бот Исус ја воскреснал кревајќи ја на небото. Кога се упокоила Богородица има­ла 63 (според други 72) години.

УСПЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Богородице, и во раѓањето си го сочувала девството, a пo своето успение не си го оставила светот, туку си се преселила во живот. Мајко на Животот, и со твоите молитви ги избавуваш од смртта нашите души.

Празникот Успение на пресвста Богородица меѓу народот познат како Голе­ма Богородица се празнува на 28 август според новиот (односно на 15 август спо­ред стариот) календар. За подостоинствено празнување на овој празник му прет­хо­ди двенеделен пост што започнува на 14/1 август, односно на празникот Св. Се­дум маченици Макавејски. Иако култот на Пресвета Богородица имал значајно мес­то во христијанскиот свет уште од најстари времиња сепак празникот на нејзи­но­то успение не се празнувал од почетокот. Во почетокот се празнувал празникот Со­бор на пресвета Богородица, веднаш по Божик, а подоцна од овој општ празник на мајката Божја како и другите нејзини празници се одделил и празникот на неј­зи­ното успение.

На иконата Успението на пресвета Богородица е насликано на овој начин: На одарот е поставено телото на Богородица. Околу неа се народот и апостолите. До одарот во средината е нејзиниот син Исус кој во рацете го држи нејзиниот дух во форма на новороденче или нејзиното тело во минијатурна форма. На некои фрес­ки меѓу апостолите што го носат ковчегот со телото на Богородица насликан е и свештеникот со пресечените раце.

Низ цела етничка Македонија во манастирите или црквите што го носат име­­то на Пресвета Богородица на празникот Мала Богородица се одржуваат ма­сов­ни народни собири. Така е крај манастирот во Матка крај Скопје, кај неко­гаш­на­та црква во цснтарот на Скопје, во Лешочкиот манастир, крај Тетово, Во Велес, Берово, во селото Слатински Чифлик (Охридско) и на повеќе други места.

Преземено од книгата Македонските празници од МАРКО КИТЕСКИ



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.