Денеска православните верници го слават Свети 40 маченици во Севастија (Младенци)

Празник на младоста и љубовта

Празникот на пролетта 22 март (9 март, стар стил) младите го празнуваат како свој ден, како ден на младоста, љубовта и убавината. Истиот ден Светата православна црква го празнува споменот на четириесетте војници од Севастија кои маченички загинале за Христовата вера.

Именден празнуваат: Младен, Младенка и др.

Очигледно е дека во минатото во Македонија со празникот „Свети четириесет маченици“ биле поврзани голем број обичаи и верувања. Еден дел од нив се поврзани со споменот за светите 40 војници од Севастија, а другите со пролетната рамнодневница, со денот на пролетта и повторното оживување на природата.

Денес, многу од овие обичаи се заборавени. Но, сепак, празникот Младенци е целосно посветен на младите, на младоста и љубовта, и со него се поврзани многу желби за среќен брак и убава иднина. Од понов датум е обичајот на Младенци да се оди на гости и да се носат подароци кај младите што стапиле во брак меѓу двата празника. Во црква се носат свеќите од венчавката за да се догорат.

Денот на пролетната рамнодневница според многумина е вистински почеток на пролетта. Наголемениот ден во однос на оној во текот на зимата, посилното сонце, појавата на птиците преселници, враќањето на вегетацијата, во свеста на човекот создавале мислење дека е поминат критичниот период и дека во секој поглед доаѓаат поубави денови. Во таа смисла се и повеќе обичаи верувања поврзани со некои птици и растенија. Се мисли дека до овој празник денот е зголемен толку колку што може да скокне петел од прагот. Во врска со верувањето дека со овој ден започнува вистинската пролет е и обичајот да се јаде нешто зелено (зелен ручек) со што се означува сиромашкото лето, период во кој, како што се вели, не се умира за храна, зашто таа може и на трн да се најде. Некои со ова верување ја поврзуваат и пословицата: „Не умри магаре до зелена трева.“

Вечерта спроти празникот, младите, девојките и момчињата, изведувале повеќе обичаи т.н. гатање за брак, преку кои настојувале да ги дознаат своите идни брачни другари. Тоа го правеле на различни начини. Во Гевгелиско како што пишува Стефан Тановиќ вечерта спроти празникот, во мракот, девојките сечеле прачка од дудинка (црница, муренка) и ја ставале како мост преку некоја бразда или поток велејќи: „Који ми е удилен ваја вечер, нека дојде на воја мост да пумине и уф нас да дојде!“ Овие зборови ги повторувала три пати и верувала дека ноќта ќе го сони момчето за кое ќе се омажи. Некои пак ова гатање го правеле на следниов начин: Вечерта спроти празникот земале три стракови коприва, секој посебно го врзувале со црвен конец и го наменувале на по едно момче. Утрото викале некоја своја другарка да одбере еден страк од копривите што ќе означува нејзиното момче, идниот брачен другар.

Во селото Елешница (Разлошпко) имало обичај вечерта спроти прзникот да се собираат 40 бели камчиња што се ставле во ќошовите на дневната соба. Утрото на празникот тие се враќале во реката пред да изгрее сонцето и се верувало дека на тој начин ќе се обезбеди здравје за целото семејство.

Во Штип од 40-те камчиња што од Исарот ги фрлале кон Брегалница младите неженети и немажени оставале едно за себе, го носеле дома и вечерта го ставале под перницата. Верувале дека тој што ќе го сонат таа вечер ќе биде нивниот иден брачен другар.

Имало и други начини младите да го дознаат својот иден брачен другар. На попретки земале памук, усукувале два конца, ги ставале еден до друг и заедно ги запалувале. Ако изгореле до крај значело дека сигурно ќе се земат.

Со празникот Свети четириесет маченици или Младенци се поврзани и други обичаи и верувања. Така на пр. во Радовиш овој ден бил празник на ковачите и тогаш се одело на визита кај членовите на овој еснаф. За таа цел во семејствата на ковачите се набавувала пченица, половината ја мелеле брашно и меселе проскури, а другата половина ја вареле. Оделе во црква, а по службата раздавале од пченицата и проскурите.

На овој празник се изведувале и обичаи со кои се прогнозирало колку ќе биде родна годината. Утрото веднаш по станувањето се земала првата гранка до која ќе се допрел човекот, таа се горела и пепелта од неа се сеела. Потоа се гледале покрупните остатоци во ситото. Ако личеле на пченица таа година повеќе ќе родела пченицата, ако личеле на пченка, просо или нешто друго значело дека овие земјоделски култури ќе родат повеќе.

Во минатото овој празник во Македонија го празнувало не само македонското христијанско население туку и муслиманското кое го именувало како „Султан Нефруз“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.