Сексуалното вознемирување и следење на интернет и јавното споделување интимни содржини без дозвола се најбрзо растечки форми на родово-базирано насилство. Повеќе од 60 отсто од жените во земјава барем еднаш се соочиле со онлајн насилство, додека една од десет жени е жртва на злоупотреби на интернет секој ден. Со цел да се подигне свеста за присутноста на овој проблем, но и да се зголеми степенот на едукација за тоа како да се препознае и да се пријави сексуалното насилство на интернет, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) започнува кампања „И онлајн насилството остава лузни“.
Кампањата главно ќе се одвива на социјалните мрежи и ќе се обрати на младите, со посебно внимание кон жените и тинејџерките, затоа што сите истражувања и податоци укажуваат дека припадничките на оваа возрасна група се најчести жртви во случаите на технолошки овозможено родово-базирано насилство или онјлан насилство.
Родово-базираното насилството на Интернет не е виртуелно. Последиците од него се реалност со која се соочуваат многу млади, а особено девојки и жени. Иако, често пати, е невидливо за останатите, остава длабоки лузни кај жртвите. Време е да го препознаеме овој проблем и да почнеме да се справуваме со него затоа што безбедноста на интернет е право, а не привилегија. Интернетот треба да биде сигурен простор за сите без разлика на нивниот род, возраст, место на живеење или степен на образование, вели Армен Григорјан, Постојан претставник на УНДП.
Анкетата што УНДП ја спроведе во пресрет на оваа кампања, покажа дека дури 70 отсто од жените кои биле жртви на онлајн насилство, не го пријавиле случајот. Токму затоа, кампањата на УНДП ќе има посебен фокус на едукација на граѓаните за тоа што сè претставува технолошки овозможено родово-базирано и сексуално насилство , но и како и каде може да се пријави.
Технолошки овозможено родово-базирано насилството е секоја форма на нарушување на приватноста, демнење, вознемирување, родово-базиран говор на омраза, споделување лични содржини без согласност, сексуална злоупотреба заснована на фотографии или видеа, неовластено навлегување во компјутерски систем, кражба на идентитет и директно насилство. Секој ваков случај, жртвите можат да го пријават во најблиската полициска станица или на cybercrime@moi.gov.mk.
Кампањата се спроведува во рамки на проектот „Сузбивање на сексуално и родово-базирано насилство во дигиталната сфера“, кој УНДП го имплементира со финансиска поддршка на Министерството за надворешни работи на Јужна Кореја. Преку овој проект, меѓу другото, во изминатиот период се организираше тренинг програма за зајакнување на капацитетите на припадниците на Министерството за внатрешни работи за превенција на сексуална експлоатација и вознемирување на интернет. Исто така, беше изготвена и Анализа на националното законодавството поврзано со технолошки овозможеното родово-базирано насилство. Во рамки на проектот се реализираше сеопфатна обука за препознавање и превенција на технолошки овозможено родово-базирано насилство, наменета за претставници на МВР, центри за социјална работа, јавното обвинителство и граѓански организации
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.