Седумдесетгодишната Добрица Силјановска, Македонка која живее во Германија, со години трага по биолошката мајка на нејзиниот посвоен син Александар. Нејзина желба е оваа приказна да заврши со среќен крај, да му се исполни желбата на син ѝ да си го дознае потеклото.
Добрица и Александар немаат намера да ѝ го уништат животот на жената која го родила пред 32 години и подготвени се нивната средба да ја држат во тајност, но сметаат дека човечки е Александар да дознае за своето потекло, кои семејни болести ги наследил и утре ќе им ги пренесе на своите деца, дали има браќа и сестри…
Според приказната што ја раскажува за Фокус, таа се преселила во Германија пред 50 години. Бидејќи не можела да се оствари како мајка, поднела документи во Тетово, но по подолго време ѝ се јавиле од Скопје.
Ми се јавија од Мајчин дом во Аеродром, Скопје, дека има момче на возраст од 11 месеци, кое можам да го посвојам. Александар е роден на 26 февруари 1989 година во Скопје, а ние го зедовме од Мајчин дом на 9 јануари 1990 година. Името кое таму му беше дадено беше Роберт. Немаше никакви лични предмети оставено со него, облека или пак некаква играчка, било што за спомен од мајката. Си однесовме наша облека, го облекоа и ни го дадоа, појаснува Добрица.
Вели дека од информациите со кои располага, единствено што знае е дека биолошката мајка на Александар била студентка, а татко му бил оженет човек. Не знае дали мајката е од Скопје или пак од внатрешноста на земјата, но она што од срце го посакува е да ја дознае вистината за корените на Александар.
Кога како дете го носев во болница во Берлин, поради разни детски болести, се случуваше да не можам да одговорам на лекарските прашања поврзани со наследни, односно генетски болести. Им појаснував на лекарите дека е посвоен и дека ништо не знам во врска со неговата генетика, бидејќи законите во Македонија се такви. Сега, кога Александар е веќе зрела личност и планира да оформи свое семејство, тој има право да ги знае тие податоци, кои секако ќе бидат важни и за неговите деца. Токму тоа е најголем проблем кога се посвојувањата во прашање, што се нема пристап барем до тие податоци. Друга приказна е и правото да се знае дали има сестри и браќа, еден ден овие деца можат да стапат во контакт, без да ја знаат вистината, без да знаат во каква крвна релација се. Затоа, мора да се направат промени на овие застарени правила во Македонија, секој има право да ја знае вистината за себе, вели Добрица.
Сите кои имаат податоци што би ѝ помогнале на оваа голема и храбра мајка, Добрица ги замолува да ѝ се јават на мобилниот број 076 825 808.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.