Сѐ повеќе се зголемува интересот за домашните креативни содржини, различни по својата природа, за што показател е зголемената посета на вториот Саем на креативни индустрии што неделава се одржа во „Скопје сити мол“. Повеќе од 2000 посетители, од кои повеќе од половина основци и средношколци, во текот на два дена имаа можност да ги видат, слушнат, испробаат и доживеат креативните производи, иновации, едукативни содржини на штандовите на повеќе од 40 изложувачи во фоајето на киното „Синеплекс“ и вториот кат на „Скопје сити мол“. Под мотото „Одржливост“ на 28 и 29 ноември се одржаа презентации, предавања, работилници, панел дискусии поделени во неколку категории симболизирајќи свест за грижа за животната средина како култура на живеење.. Програмата опфати образовни, продукциски и презентациски содржини од широката сфера на креативните индустрии.
Поврзувањето на уметностите со новите технологии стануваат сѐ поинтересни и попривлечни како професионална определба за младите луѓе, но интересот не е помал и за деветта уметност – стрипот, компонирањето музика, сликањето, рачната изработка... Голем интерес предизвикаа работилницата за стрип во соработка со Комикс МК, работилниците за креирање видеа и шиење и везење во соработка со СИЕК од Скопје, за изработка на корици за книги со издавачката куќа „Гаврош“, за изработка на терариуми во соработка со „Биди зелен“ од Скопје, како и презентациите на Центарот „Тинкер лабс“, музичкото студио на Александар Ристовски – Принц и други. Во рамките на саемот се одржа и панел-дискусија на тема „Македонската индустрија за видео игри – моментална состојба и што треба да се направи“ во организација на Асоцијацијата на македонската индустрија за видео игри и Галактик Омнивор.
На годинешново издание беа промовирани многубројни нови производи и услуги од областа на креативните индустрии како платформата Yes for Less со 10 мали еколошки бизниси, брендот за рачна изработка на кукли „Матрјошка“, модните брендови на Мирјана Јосифоска, Kids Today, Milk Brides, креативните и иновативни производи на ФЕИТ-ФабЛаб, Здружението „Сенсус“ и Интернационалниот Балкански Универзитет, брендот за изработка на друштвени игри Archona Games, брендот за изработка на био актив терариуми Мини грин, слики од Мартина Рмуш, Школата за дизајн „Скала“, уникатни дизајнирани производи од „Пајче“, „ЗМ Wood art“, „Облик еден“, „Акреа“, Столарски едукативен центар, Елена Ристовска, дизајниран мебел на Oska home, природна козметика на Ignea, скулптура на Дамјан Ристевски, роботчиња на ИТ Центарот за деца „Кликер“, и други.
Саемот за креативни индустрии се роди од идејата да се подигне профилот на креативниот сектор, да ги поврзе организациите кои имаат заеднички интерес во креативните индустрии и да ги едуцира децата на нов, невообичаен и интерактивен начин за креативните индустрии. Спојот на креативните индустрии, бизнисите од истата област, образованието и младата работна сила се од витално значење за здраво креативно општество. Целта е поддршка и промоција на домашните бизниси, индивидуалци, не толку етаблирани и промовирани стартапи кои што ги имаме и се меѓу нас, но ретко имаат можност да се покажат и да понуди еден вид платформа за акцентирање на креативните индустрии, можностите за работа што ги нудат како и вмрежувањето на самите бизниси, асоцијации, едукативни центри, поединци.
Саемот за креативни индустрии се организира во два дела, од кои вториот ќе се одржи во Битола на 15 декември во Културен и информативен центар – Битола.
Настанот е во организација на здружението „Балкан синема ситис“ и Унијата на македонски организации во креативните индустрии УМПАКИ Скопје, заедно со „Скопје сити мол“ и КИЦ-Битола, поддржан од Град Скопје, Министерството за култура и Британскиот совет.
–
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.