На 7 април се заокружува еколошкиот проект „Птици“ во соработка со Зоолошката градина Скопје и Машинскиот факултет отсек Индустриски дизајн и училиштата. Со проектот традиционално се одбележува денот и месецот на лицата со аутизам.
Учествуваа деца од различни училишта, различна возраст, деца од редовна настава и деца со попреченост; учениците од ОУ Невена Георгиева Дуња, средното училиште Цветан Димов, Св. Наум Охридски и студентите од Машинскиот факултет отсек Индустриски дизајн. Низ неколку планирани работилници се развиваше еколошка свест кај најмладите, но и меѓусебно запознавање на едни со други. Учесниците на проектот на 7 април ќе ги постават изработените куќички за птици на различни локации во Зоолошката градина. Проектот е подржан од Министерството за култура на РСМ.
Во развојот на еколошката свест и култура кај децата, најважно е да им се развие љубовта кон природата. Да се биде еколошки свесен, значи да се едуцираат и да се подготват навреме за нивното активно вклучување во процесите за заштита на животната средина. Птиците, како и сите живи суштества, се неразделен дел од природата во која тие ја играат својата улога. Загрижува фактот дека бројот на птиците се намалува секоја година и тоа може да предизвика сериозно еколошко нарушување. Активноста на човекот има силно влијание врз тоа со масовниот лов, уништувањето на шумите, фрлањето токсичен отпад во природата. Треба да се земе предвид фактот дека најмладите, кои им се и најверни пријатели на птиците, треба да ги воспитуваме во духот на постојана грижа и љубов кон птиците. Националната галерија непрекинато креира едукативни содржини во кои низ игра и забава ќе може да учат едни за други, но и за светот околу нив.
Проектот „Птици“ почна на првиот ден од пролетта со посета на Зоолошката градина. Благодарение на студентите од Машинскиот факултет – Скопје, отсек Индустриски дизајн, кои ги изработија куќичките, децата имаа несекојдневно искуство – куќичките од делови да ги состават и да ги декорираат со еколошки материјали. Беа користени материјали од природата, шишарки, семки, цвеќиња, кора од дрва, струготини… Проектот е инклузивен и во него учествуваа учениците со попреченост од повеќе училишта.
Децата имаа задача од веќе подготвени делови ги состават куќичките,а потоа истите да ги декорираат. Се користеа исклучиво еко материјали како живеалиштата би биле комплетно природни за птиците. Во рамки на настан под наслов „Тука сме, заедно сме, а можеме повеќе“ ќе биде презентиран самиот еколошки проект со училиштето домаќин Св. Наум Охридски. Утре во Зоолошката градина ќе бидат поставени куќичките за користење на различните видови птици.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.