Потеклото и значењето на името на градот Бања Лука е познато повеќе од пет векови, но се уште предизвикува полемики и недоумици. Според некои филозофи, Бања Лука е име добиено од придавката „бан“ или банов, збор што се поврзува со аварскиот збор „бајан“ што значи, богат и именката „лука“ што значи рамница, ливада крај река. Во некои историски податоци може да се сретне и поимот Врбашки град кој датира од 1320 година, но потоа почнува да се користи денешното име на градот – Бања Лука.

Бања Лука има над 200.000 жители, вели нашиот водач низ градот, професорот Зоран Пејашиновиќ, автор на монографијата Бања Лука, а меѓу надалеку познатите симболи на градот, се и Бањалучанки, чија убавина е многупати опеана.

Ако по убавината на жените од Бања Лука може да се споредуваат само некои градови (иако за вкусови не се расправа), тогаш со бројчаниот сооднос меѓу жените и мажите нашиот град нема конкуренција, бидејќи во Бања Лука, тој сооднос е 7:1 во корист на жените. Значи, седум убавици на еден маж!

Бањалучани препорачуваат разгледувањето на градот да почне од тврдината Кастел. Така и почнавме… Кастел е фреквентно место. И некогаш, и денес. На платото од тврдината Кастел некогаш егзистирала праисториска населба, за што сведочат откриени керамички и глинени предмети од енеолитскиот период. Во внатрешноста на тврдината откриени се темели на здание од римскиот период и базилика. Тврдината во различни времиња имала различна функција. Во еден период била работилница за изработка на топови и муниција, и затоа често била мета за време на различни воени судири.

Конечно, по земјотресот во 1969 година, тврдината го добива денешниот лик, кој е задржан и се одржува. Во тврдината најпосетена е Камената куќа со резиденцијални градски соби и галериски простор. Во дворот е поставена отворена сцена за културни настани, секое лето се одржуваат фестивали на класична, рок, фолк и етно музика, а има и театарски претстави.

Во внатрешноста на тврдината Кастел и со поглед кон реката Врбас има ресторан кој се наоѓа во просторот на некогашниот турски затвор…Од ресторанот, но и од повеќе страни се излегува на брегот на Врбас, прекрасна река на која доминира зеленкаста боја. Секогаш ладна, но чиста! Затоа во лето, млади бањалучани од тамошниот камен Градски мост со акробатски скокови го привлекуваат вниманието на посетителите, туристите…За реката Врбас се знае надалеку во светот, а минатата година светот пристигна во Бања Лука каде се одржа светскиот куп во рафтинг.

Очите побараа и други вредности на градот кој овозможува од Кастел да се продолжи по познатата Господска улица. Административно станува збор за улицата „Веселин Маслеша“, но бањалучани ја нарекуваат Господска улица. Движењето е лесно, од двете страни брендирани продавници, во внатрешноста кафулиња со позната музика, а на крајот од улицата се наоѓа еден од најголемите бисери на бањалучката архитектура, некогашната Банска управа, денес зграда на локалната самоуправа и на градоначалникот на Бања Лука.

За Бањалучани периодот од 1929 до 1934 година се смета за „златно време“ на градот. Тоа е време кога за бан во тогашната Врбаска бановина доаѓа Светислав Тиса Милосавлевиќ од Ниш. Локалното население го нарекува и Бањалучки Перикле, вели нашиот водач, професорот Пејашиновиќ. За време на неговото банување, во градот се градат десеттина монументални зданија, објекти како што се Банска палата, денешна зграда на општината, Бански дом, Соколана, Театар, Соборна Црква, Учителска школа, градскиот парк, а биле асфалтирани и неколку улици.

Бански двор, денес Културен центар „Бански двор“ се наоѓа симитрично од другата страна на општинската зграда. Банскиот двор е изграден и пуштен во употреба на ден Митровден, на 8 ноември 1932 година. За време на посетата се воодушевување гледавме на големата сала за театарски и музички претстави, салонот за приеми, изложбени салони… Располага со рачно изработен мебел со висока вредност, дело на копаничари и други уметници. Дел од изградените објекти најголема штета претрпуваат за време на бомбардирањата на градот во Втората светска војна, но и за време на двата катастрофални земјотреси, првиот во 1969 година со јачина од 8,5 степени по Меркалиевата скала, и вториот во 1981 година кој за среќа не беше разорен, појаснува Пејашиновиќ.

Плоштадот сега има нов лик, со маркантно здание како што е Соборниот храм со камбанарија висока 42 метри и четиристран часовник. Ние се упативме кон Народната и универзитетска библиотека која располага со над 100.000 наслови, ретки книги и публикации.

Во Библиотеката, посебно импресивна е Спомен собата на Петар Кочиќ, отворена во 2019 година која на виртуелен начин, со помош на холограм и друга современа технологија, овозможува посетителот да се запознае со животот на познатиот писател, автор на бројни дела чии оригинални ракописи се чуваат во Библиотеката, а меѓу нив и познатото дело „Јазовец пред суд“. Ретката прилика не ја пропуштивме и ние!

Во Библиотеката од неодамна има и книги на македонски јазик и монографија за Битола, градот кој со Бања Лука од поодамна е поврзан и директно соработува во областа на науката, образованието, културата и спортот.

Нашите домаќини велат, се уште се паметат дерби ракометните натпревари меѓу „Пелистер“ и „Борац“ кои често одлучуваа за шампионската титула во поранешната заедничка држава. Спортската сала „Борик“ и денес е храм на најквалитетните спортисти и спортски клубови, а во витрините освен пехарите, издвоени се имињата на освојувачите на олимписки медали, светски и европски шампиони, меѓу кои ракометарот Абас Арсланагиќ, боксерите Марјан Бенеш и Антон Јосиповиќ, кошаркарката Слаѓана Голиќ и други спортски великани. И, денес воздивнуваме за историските успеси, напуштајќи го градот по улицата „Алеја на воздишките“.

Преземено од МИА



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.