Производи од југот на Македонија претставени во Хрватска, во рамките на еден од најреномираните светски фестивали за традиционален фолклор – „Ѓаковачки везови“. На фестивалот беше претставена Општина Богданци и дел од локалните брендови по кои е препознатлив овој регион.

Наталија Поповска, директорка на Културно – информативниот центар на Република Македонија во Загреб објаснува дека градот Ѓаково и овој фестивал имаат посебно значење во градењето на македонско – хрватското пријателство.

Фестивалот Ѓаковачки везови е одличен пример дека тие врски имаат континуитет и се пример за искреност, доверба и заедничка борба за универзални хуманистички и цивилизациски вредности. Поврзани сме со културната дејност на браќата Миладиновци и печатење на Зборникот на народни песни, кој претставува ризница на македонскиот фолклор, а постои благодарение на хрватскио бискуп, хуманист и просветител Јосип Јурај Штросмаер. Од поновата историја вредно е да се спомене и спомен обележјето на македонските борци во Будровци (во околината на Ѓаково), кои учествувале во ослободувањето на Хрватска од фашистичкиот окупатор, вели Поповска.

На фестивалот беа презентирани сокот од калинка, крафт ракија, земјоделски производи , а присуствувашe и градоначалникот на Општина Богданци, Блаже Шапов.

Оваа соработка со Општина Ѓаково има огромно значење за нас, не само како општина туку и како регион и држава, бидејќи овозможува повеќекратни придобивки и взаемна корист за бизнис секторот, но и за граѓаните воопшто. Разговаравме за поддршка на социјалниот развој и размена на искуства меѓу двете општини, потоа за економска соработка со акцент на малите и средните претпријатија и за поттикнување заеднички инвестиции. Исто така, како важен сегмент го споменавме зачувувањето на културно-историското наследство на општините и поттикнување на развојот на спортот и туризмот“, рече Шапов.

Како една од точките на поврзување со најдолга традиција е Графичката работилница Софија, на која веќе 16 години редовно учествуваат млади уметници од ликовните академии во Хрватска. Софија Семенпеева која беше одговорна за промоција и афирмација на македонските брендови  истакна дека со заложбите и активностите се отвараат врати домашните брендови да бидат поприсутни на хрватскиот пазар.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.