„365 денови треба да се зборува за насилството, додека нашата „Сложувалка“ зборува овие 16 денови интензивно за сите видови на насилство со кои се соочува особено младата генерација. Нашата кампања е токму посветена на заедничкото постапување на сите учесници во превенцијата од насилството“ рече Тренчевска.
Во Битола вечерва се одржа уште еден настан од кампањата „Сложувалка“ во организација на Министерството за труд и социјална политика, канцеларијата на УНФПА во РСМ со поддршката на Британската амбасада. Говорници на настанот беа Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, претставничката на УНФПА, Јованка Брајовиќ Григоријевиќ, Директорка на манифестацијата Охридско лето, Наташа Поповиќ и Авторката Јасмина Атанасова.
„Семејното насилство не е семејна драма, насилството не е жанр. Тоа е аларм, тоа е повик на гласност. Жената која бара помош не го растура семејството. Напротив. Таа е жртвата. За жал, и новите технологии, и интернетот, социјалните мрежи…стануваат алатка за дигитално насилство врз младите и врз жените. Ова насилство преку тастатура, кое најнапред беше дефинирано како вознемирување, добива широки размери и станува светски проблем искачувајќи се високо на скалилото на насилство со тешки и трајни последици. Затоа и овој вид на насилство мора да се пријавува “ рече министерката за култура.
Таа зборуваше за влијанието за говорот на омраза на социјалните медиуми особено врз жените. На тоа се надоврза и Директорка на манифестацијата Охридско лето, Наташа Поповиќ. Таа рече дека дискриминацијата во сите нејзини форми е присутна и кај жените во културата, па така таа истакна дека има дискриминација според полот, расата, националната припадност, сексуалната ориентација и тн. Таа ја објасни и нејзината ситуација како директорка на „Охридско лето“.
„На почетокот од мојата директорска позиција сум ила сведок на разговори во кои се изразува недоверба во моето раководење. Значи осудена и дискриминирана однапред, дека нема да бидам способна да раководам со установа од ваков вид. Недоверба и недолично однесување ми било изразено и за време на концертите на класичната музика, тоа некогаш по одржувањето на културниот настан завршувало со лично признание и извинување од сторителите“ рече Наташа.
Претставничката на УНФПА зборуваше за соработката на агенцијата со Министерството за труд и социјална политика.
„Изминатите неколку години во партнерство со Британската амбасада и МТСП креиравме модел на соработка, кој овозможува да ги согледаме заедничките достигнувања и да ја исцртаме патеката на идните цели. Ова партнерство подеднакво ги вклучува, МВР, здравство, правда, образование и граѓанските организации, академија и приватниот сектор. Секој има своја улога и одговорност и истата треба да ја понесе“ рече Брајовиќ Григоријевиќ.
Настанот го затвори Авторката Јасмина Атанасова таа преку својата книга се фокусираше на испраќање на силна порака за борба против насилството.
„Оној кој ќе спаси еден живот, го спасува целиот свет – фраза од Талмудот. А оној што ќе се спаси себе си, го спасува Универзумот. Нели е ова страшно добра вест?“ рече Јасмина Атанасова
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.