На 14. Април македонскиот моден бренд „Лудус“ ја прикажа новата колекција за претстојната сезона есен-зима 2022/23 година во рамките на Љубљанската модна недела. По покана на организаторите ова беше петто претставување на „Лудус“ на словенечката публика и покрај одушевувањето на публиката и интересот што клиентите го покажаа на продажниот шоурум што се одржа ден по ревијата, македонската модна етикета се најде во интернет статија на престижниот магазин „Форбс“ меѓу 10-те најдобри брендови од Љубљанската модна недела.

Колекцијата прикажа 20 целосни изгледи и преку 40 производи од различни категории. Меѓу популарните кошули со издолжени пропорции, по кои брендот е познат на словенечката публика, се најдоа и сакоа, мантили и јакни од 100% природна волна со деконструирани шал-крагни и куси плисирани пантолони искомбинирани во безродови стајлинзи. Беа претставени рачно боени производи од памук и рачно плетени хеланки од памук како и чевли направени во соработка со локален занаетчија – кондураџија.

Доследно на визијата започната со првата колекција од серијалот насловен „Пост-родовост“, шестото поглавје ја зајакнува темата на елиминирање на родовите улоги и ги преиспитува концептите на женственост и машкост во модната индустрија.

Брендот се залага за еколошко и етичко производство, па така материјалите се 100% природни, дел се обоени со природни состојки, а дел ги оживуваат локалните занаети и им даваат употреба во современото дизајнерско производство.

фото



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.