25. издание на Моден викенд Скопје ќе се одржи на 25 јуни во 17 часот во Градскиот парк, под мотото „Discover Who’s Next Graduation Show“, соопшти организаторот.

Живееме во една модерна ера во која сме сведоци на младите кои секојдневно се повеќе имаат интерес за модата, за нејзино креирање, па дури и за нејзиното „сетирање“. Деновиве се повеќе слушаме за NFT мода, за дигитални артисти, па нема да бидеме изненадени ако наскоро „новата генерација“ што ќе се претстави на Модниот викенд во Скопје ја видиме на некој од билбордите во Њујорк, Париз, Хонг Конг како дел од некоја ултра модерна NFT модна колекција, велат од организацијата на најголемиот моден настан кај нас.

Оваа сезона Моден Викенд Скопје им го отстапува местото на новите генерации на модни дизајнери, па така, ревиите на студентите од ДУЦОР „Партенија Зографски“, Скопје, дипломците од Универзитет „Гоце Делчев“, Штип (Технолошко- технички факултет), и студентите при Американски универзитет на Европа-ФОН (Факултет за дизајн и мултимедија) ќе бидат само дел од оние што ќе продефилираат низ Градскиот парк.

Интернационалниот институт за мода Изет Цури ќе се претстави со колекцијата на Шќипоње Абудили, а тука ќе бидат и Европскиот Универзитет, Скопје (Факултетот за арт и дизајн), Џолев и Уметностите-со нивната школа за дизајн, уметност и технологија „Скала“, и на крај, тука се студенти од ТМФ при УКИМ, од институтот за дизајн и инженеринг на облека.

Посетителите на овој „летен“ Моден Викенд ќе имаат чест за првпат да се запознаат со Националниот младински совет на Македонија, вклучително и Првиот саем за вработување млади во модната индустрија.

Ива Дујак од Creative Talks ќе биде модеротор на кружната маса на тема: „Елаборирање и преиспитување на придонесот на дизајнерите во општеството“.

Позади графичкиот идентитет на настанот стои Јана Марковска со креативнотот студио DO:MORE, додека 3Д анимираниот концепт е дело на Ѓорѓи Десподов.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.