Во Салонот Империјал 1 и 2 во Културно-информативниот центар во Скопје, вечерва, со почеток во 20:00 часот ќе биде отворена изложбата на цртежи, колажи и костими од Елена Дончева, со наслов „Костими“.

Елена Дончева (16 април 1942, Скопје) е еден од најплодните автори во оваа професија во Македонија чија творечка дејност трае повеќе од 35-години, период во кој реализира околу 400 костимографии. Низ тоа творештво се следи ликовен, естетски и применет афинитет, кој се изразува низ барокни, класични, етнографски и модерни елементи.

Костимографија дипломира на Академијата за применета уметност во Белград (1967). Како вработена во Македонската телевизија (1967-1975) и потоа во Македонскиот народен театар (се до 2001, кога заминува во пензија), до денес постојано е со новите театарски, балетски, оперски или филмски (пет) проекти и со костимските решенија за разни телевизиски емисии. Дончева одамна го формира својот препознатлив стил: истенчено визуелно чувство во кое се спојуваат идејата, формата и бојата. Низ елементот на ликовноста стожерно место/спој добиваат карактерот и времето на/од кое се ликовите на кои им се наменети костимите. Низ нив се открива светот и човекот во него, карактерот на ликот, пораката, состојбата, слојот на кој му припаѓа. Максимално едуцирана, надарена, работлива и љубопитна, Дончева не еднаш со костимографијата ја решава и сценографијата за одделни сценски дела, секогаш понесена од високо развиената смисла за соработка, толеранција и трпеливост. Карактеристичниот потег во цртежот и колористичната хармоничност на реализацијата се откриваат и низ неколкуте нејзини костимографски изложби.

Елена Дончева е добитничка на 14 награди за најдобра костимографија на МТФ Војдан Чернодрински: Хасанагиница (1979), Пиреј (1982), Пахинтика во сон (1984), Сон на летната ноќ (1985), Црниот Зека патува во Вавилон (1986), Пипа-ритам (1986), Забуни (1989), Спиро Црне (1989), Роднокрајци (1989), Крал Хамлет (1990), Ричад III (1991), Нажалена фамилија (1992), Народен пратеник (1992), Розенкранц и Гилдестерн се мртви (1995). Добитничка е и на Стериината награда за костимите во претставата Диво месо (1980, Нови Сад).

Списанието Словенски екран (1975) Елена Дончева ја прогласи за најдобар костимограф во југословенската продукција за таа година.

Изложбата ќе биде отворена до 05 ноември 2024 година.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.