Нешто повеќе од очекувано вообичаена модна ревија на студенти по моден дизајн беше годишната презентација на завршните трудови на идните модни дизајнери на институтот „Изет Цури“.
На гламурозната модна ревија која се одржа на 30-ти јуни во просторот на НОБ беа прикажани четириесет креации, како од студентите од сите студенски години така и од веќе етаблирани завршени студенти и од самите професори.
Темата која оваа година им беше зададена, која преку својата сопствена имагинација требаше да ја искомуницираат и претворат во идентитетски дизајн, беше и интригантна и поттикнувачка, но и мошне изискувачка – Омаж на Тјери Муглер.
Муглер, кој по Скјапарели во 20-тите години ќе се запише во аналите на светската мода како најголемиот аванградист, ги направи најдобрите костими, го создаде најпродаваниот парфем и го режираше најмодниот музички спот на 20-тиот век. И токму како такво наследство, вредно за изучување и богато за поттикнување, Изет Цури, кој има работено со него повеќе од една декада, ќе го избере како менторска тема под која студентите во неговиот институт ќе создадат свои модели за завршната студентска изложба во 2023 година.
Никој не може да остане имун на Муглер, а најмалку оние кои творат во модата. Па беше интригантно како младите креативни умови го преточија неговото наследство во своја сопствена уникатна естетика. Се најдоа тука препознатливите форми од 80-те, карактеристичните корсетни облици, но и футуристички изгледи па сè до венчални фустани. Општиот впечаток е дека секој од дизајните си искористил своја сопствена референца од естетиката на Муглер, па можеше да се види тука и реинтерпретација на легендарната морска школка која Карди Би ја носеше на доделувањето на наградите Греми, костумот кој наликува на гума, водениот фустан кој Ким Кардашиан од килимот на Мет Гала, преку корсетното палто кое се поистоветува со Бела Хадид и страничниот корсетен фустан кој нè потсетува на Ирина Шајик, па сè до драматичните дизајни на најмладите дизајнери од посебната група на деца инспирирани од аутфитите на Кајли Џенер и Џери Хол.
Ревијата започна токму со дизајните на децата, сите на возраст од 9 до 13 години, млади таленти кај кои поривот и пасијата за мода е рано препознаена, па професорот Изет Цури им дава можност да ја развијат од најрана возраст. Колку се навистина талетирани се докажа со довербата токму тие да ја отворат ревијата. Но тоа не е единствената посебност по која оваа едукативна установа се разликува од останатите.
Друга, и можеби најзабележлива карактеристика по која студентите од оваа образовна институција се издвојуваат е инсистирањето на совладување на вештината на конструкцијата – дел на кој тука се посветува особено внимание, што беше повеќе од очигледно и видливо на пистата во секој од индивидуалните изгледи, од навидум едноставните па сè до беспрекорно изработените корсети, чиј процес на изработка е будно следен од маестрото за корсети, визитинг професорката Доминик Брунет.
Посебен шмек на овој повеќе перформанс одколку класична модна ревија беше секвенцата со кошулите со логото на институтот (реферирање на една од ревиите на Муглер од 80-те), кореографија во која настапија нашите познати актерки Катерина Шехтанска и Елизабета Клинчаревска Младеновска, како и специјалното појавување на музичарот и режисер на спотови Александар Ристовски Принц, како асоцијација на спотот на Џорџ Мајкл кој го има режирано самиот Муглер.
Интернационалниот институт за мода „ Изет Цури“ како институција има основна цел да создаде нови креативни генерации во областа на модата во Македонија, со агенда која од година во година го надградува својот перфекционизам. Од самото отворање на институтот во 2014 година до денес дејствува посветено и сериозно во едукацијата на младите талентирани луѓе за кои модата е пасија и потенцијална идна кариера. За само неполни 10 години работа резултатите гордо говорат дека таа посветеност резултира со успешни и веќе препознаени млади дизајнери, со загарантирано вработување и исклучително професионално изработени модни колекции, под директно менторство на професорот Изет Цури, ценето име на париската модна сцена со долгогодишна успешна кариера на глобално ниво. Важно е да се нагласи дека ова е единствено место каде се добива едукација за начинот на кој се изработува Висока мода во Париз и моделирање на самата конструкција, знаење кое професорот Цури несебично го пренесува на своите студенти, а кое тие потоа го пренесуваат во своите изработки во атељеата на Алаја, Диор, Шанел во Париз…
Како и секоја година така и оваа по повод крајот на учебната година беа доделени и специјални награди за најуспешните, а аспектите по кои беа избрани беа засебно за моделизам и стилизам: Арсиме Бајрами, студентка од трета година, покажа дека моделизмот е ставка која силно се развива кај студентите на овој институт, а Софија Петрова, студентка од прва година, го оправда стилското визионерство на најновите студенти.
Подржувачи на настанот беа: Интернационалниот институт за мода „Изет Цури“, Француската Амбасада во Македонија, Францускиот институт во Скопје и Oпштина Чаир.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.