Денеска е Велики петок, кој му претходи на Велигден, па да се потсетиме на некои верски обичаи на овој ден. Велики петок е еден од најтажните денови во христијанството и на тој ден не бијат камбаните, луѓето тивко разговараат и се пости. Ова е ден поминат во строг пост и без никакви празнувања.

Празничните прослави и неработните денови за повеќето започнуваат на Велипеток, но тоа не е причина да се радувате на тој ден и да јадете многу и маснотии. Според канонот, на трпезата може да има само храна приготвена исклучиво во вода: зеленчук на пареа, свежо или суво овошје и зеленчук, како и леб, мед и ориз на пареа.

Многу луѓе грешат кога мислат дека тој ден се дозволени посни грицки – крекери, стапчиња, чипс, наполитанки и други кондиторски производи без млеко, бидејќи содржат или масло или маргарин. Не се пожелни ниту ратлук ниту бонбони од желе, бидејќи содржат желатин.

Не е препорачливо ни да се посолува храната, бидејќи се смета дека на тој начин дополнително „се истура сол на Исусовите рани“. Кога јадете, исто така не треба да користите виљушка и нож.

Бидејќи велигденскиот пост е исклучително строг, верниците што строго се придржуваат до неговите правила треба да се воздржуваат од храна и пијалаци на Велики петок до зајдисонце. А од овој обичај се ослободуваат само децата, трудниците и болните. Свештениците забележуваат дека постот во православното христијанство не е само воздржување од одреден вид храна туку и од сите форми на грешни постапки, мисли и желби.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.