Заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски учествуваше на настанот насловен „Регионална соработка и зајакнување на младите преку спортот“ во организација на Регионалната канцеларија за младинска соработка – РИКО (RYCO), Амбасадата на Германија и Германското друштво за меѓународна соработка -ГИЗ (GIZ).
Велковски го отвори настанот со свое обраќање до присутните на кое што ја истакна важноста на регионалната соработка на земјите како клучна во зајакнување на младите во сите сегменти на општеството, со акцент на денешната тема – спортот.
„Регионалната соработка игра клучна улога во зајакнувањето на младите. Со споделување на ресурси, знаење и искуства, регионот може да создаде појак систем за поддршка на младински иницијативи. Ова вклучува заеднички програми, проекти и размена на идеи, што дополнително ја зајакнува социјалната кохезија и создава платформа за инклузивен развој,“ порача Велковски.
Во контекс на денешната тема, Велковски го посочи спортот како моќна алатка за зајакнување на младите и развој на основните животни вештини, а истовремено и за поттикнување на регионалната соработка.
„Учењето на спортски техники и правила помага во развојот на дисциплина, тимска работа, комуникација и лидерство. Овие вештини се преносливи и корисни во многу аспекти од животот. Спортот создава можности за младите да се запознаат, да се спријателат и да работат заедно. Ова помага во градење на кохезивни заедници и поттикнува разбирање меѓу различни култури. Организирањето на спортски настани и турнири помеѓу државите во регионот поттикнува соработка и пријателство. Овие настани можат да служат како платформа за дијалог и разбирање, истовремено промовирајќи мир и стабилност,“ истакна Велковски.
Тој се осврна и на значењето на инклузијата во општеството. При што потенцираше дека едно општество е успешно толку, колку што инклузијата е воспоставена во него.
Според Велковски особено е важно зајакнувањето на маргинализираните млади како клучен аспект за создавање инклузивно општество. При тоа ја нагласи и нужноста од обезбедување на пристап до квалитетно образование и обука, развој на вештини, практично образование и менторство
Велковски посочи и дека соработката помеѓу владите, Регионалниот младински центар (RYCO) и другите засегнати страни е од суштинско значење за успешното зајакнување на младите луѓе и промовирање на регионалната кохезија и соработка.
„Соработката помеѓу различни институции и организации овозможува развој на обединети стратегии и политики кои се фокусирани на потребите на младите. Ова создава интегриран пристап за решавање на проблемите со кои се соочуваат младите во регионот,“ рече Велковски.
На крајот, заменик министерот порача: „Само со заеднички напори можеме да изградиме подобра иднина за сите млади луѓе од регионот!“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.