Учениците од основните училишта „Браќа Рамиз – Хамид” во Шуто Оризари и „Војдан Чернодрински“ во Тафталиџе се вклучија во едукативната кампањата против корупцијата „Бидете херои на чесноста“.

„Како наставници имаме обврска не само да образуваме, туку и да воспитуваме. Токму затоа сме среќни што и нашето училиште е дел од кампањата која на учениците треба да им ги приближи и објасни темите за корупција и интегритет“ истакна директорот на  училиштето „Браќа Рамиз – Хамид”, Алвин Салимовски.

Од друга страна пак, директорката на „Војдан Чернодрински“, Верица Неткова Пројчева по истиот повод порача:

„Почитувањето на основните општествени вредности како чесност, интегритет и етичност треба да се учи од најмала возраст. Затоа потребна е континуирана едукација на вакви теми во образовниот систем. Само така ќе изградиме совесни ученици“.

Оваа кампања е по иницијатива на Државната комисија за спречување на корупцијата како дел од Активноста за антикорупција и интегритет, што пак ја спроведува Канцеларијата на Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) во Скопје, а е финансирана од УСАИД.

„Децата не мора да знаат дефиниција за корупција, туку да ја разберат суштината на проблемот. Потребна ни е чиста критична маса, верувам во промени, само така ќе изградиме општество во кое секој сака да живее, затоа што на крајот од денот сите сме херои на чесноста. Само треба да бидеме силни и да се поддржуваме едни со други. Родителите се тие кои треба да им покажат на децата дека не треба да бараат „врски“ и скратени патишта“, истакна Билјана Ивановска, претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Целта на кампањата е да се подигне свеста кај ученците и ученичките за штетните ефекти од корупцијата. Од тимот порачуваат дека е потребно да се создаде антикорупциско движење во земјава кое би придонело за општество со нулта толеранција за корупција.

„Корупцијата во секоја земја влијае пред сé врз секојдневното функционирање на граѓаните, а тоа се одразува во образовниот систем, државната администрација, економијата, со тоа што влева целосна недоверба во системот. Образовните програми и ваквиот тип на кампањи се алатки кои ќе ни овозможат сегашните и идните генерации побрзо да ја намалат корупцијата“, порачаа од Канцеларијата на Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) во Скопје.

До денеска караванот посети 5 училишта, остануваат уште 8 ширум земјава. Настаните се интерактивни, започнуваат преку разговор на учениците со познатите актери Игор Ангелов и Фисник Зекири, во својство на водители на едукативното предавање, а според сценарио на режисерката и сценаристката Елеонора Венинова.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.