Температурите во Европа се зголемени повеќе од двапати од глобалниот просек во изминатите 30 години, покажа нов извештај.

Зголемувањето во просек изнесуваше 0,5 степени Целзиусови секоја деценија помеѓу 1991 и 2021 година, според годишниот извештај за состојба на климата во Европа објавен од Светската метеоролошка организација (СМО) и Коперник, програма на Европската унија за набљудување на Земјата.

– 2021 година прикажа жива слика на светот кој се загрева и не потсети дека дури и оние општества кои ги сметаме за подобро подготвени не се безбедни од сериозните влијанија на екстремните временски настани, напиша генералниот секретар на СМО, Петри Таалас во предговорот на извештајот, истакнувајќи ги рекордните поплави и шумски пожари кои го погодија континентот минатата година.

Повеќе од половина милион луѓе беа „директно погодени” од големи временски и климатски настани, главно бури или поплави. Според извештајот, предизвиканата штета е повеќе од 50 милијарди долари. Во извештајот се забележани екстремно високи температури и топлотни бранови, вклучувајќи го и европскиот топлотен рекорд од 48,8 степени Целзиусови измерени на Сицилија во август 2021 година.

Зголемувањето на температурите има значително влијание и врз европските глечери. На Алпите е регистрирана загуба од 30 метри дебелина на мразот помеѓу 1997 и 2021 година, а топењето на ледената покривка на Гренланд придонесе за глобално зголемување на нивото на морето.

Оваа година во Европа беа урнати неколку температурни рекорди, а Англија и Франција го доживеаја најсушниот јули досега. Британија ја забележа највисоката температура досега, 40 степени, а глечерите се топат со невидена брзина.

Екстремни временски настани беа забележани и во текот на зимата, при што невообичаено обилен снег ги погоди Шпанија и Норвешка, а неочекуван студен бран предизвика сериозна штета на лозјата и другите земјоделски култури во зимата 2021 година.

Во меѓувреме, светските лидери и дипломати се подготвуваат за овогодишниот самит на ОН за климатски промени, познат како ЦОП27, во египетското одморалиште Шарм ел Шеик.

Таалас ја повика Европа поактивно да се посвети на поставените цели во борбата против климатските промени и ја нагласи важноста од ограничување на „зголемувањето на глобалната температура на значително под 2 Целзиусови степени, додека продолжуваат напорите да се ограничи зголемувањето на 1,5 степени, како што е наведено во Парискиот договор”. ј

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.