Смислата на животот е да го пронајдете својот подарок, а целта на животот е да го искористите тој подарок. Деветгодишниот – Филип Циглењак Симоновски од Скопје, сигурно не знае за таа изрека на познатиот сликар Пабло Пикасо, но – со својата детска креативност, Филип, токму преку талентот за цртање, ги проширил границите на својот свет ограничен со фактот дека тој е – момче со аутизам.
Филип е редовен ученик во четврто одделение при основното училиште „Ристо Крле“ во Кадино, а од своја четиригодишна возраст, сосема случајно, почнува да слика акрил на платно. Оттогаш неговите слики, чии најчест мотив е природата, зборуваат со силни бои и носат наплив од емоции.
Во среда (14.12.2022), во 10 часот, во организација на ЈУ. Детски културен центар – „Карпош“, здружението „Во мојот свет“ и Идеа Лаб, околу 40 уметнички дела на Филип, ќе бидат изложени во ЈУ. Детски културен центар- „Карпош“.
Со оваа изложба, Филип ќе покаже колку е посебен, талентиран и единствен. Цртањето и сликањето се всушност еден вид невербална комуникација, па така Филип, преку неговите уметнички дела, на вистински начин го изразува своето внатрешно битие со околината која со интерес ја следи неговата креативност.
Преку уметничкото творештво и јавното прикажување на создадените дела на децата со аутизам, можно е да се промени перцепцијата и да се помести утврдениот фокус на типичната популација: – За промена, да ставиме акцент на она што можеме да го направиме, наместо на постојано наведувајќи сè што аутизмот го прави тешко или „невозможно“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.