Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш денеска ги повика сите земји да се справат со опасностите од екстремните горештини, по највисоката глобална температура забележана на 22 јули.

Според податоците на програмата на Европската унија за набљудување на Земјата „Коперник“, просечната температура на површината во понеделникот достигна 17,15 степени, соборувајќи го рекордот поставен претходниот ден, кога просечната температура беше 17,09 степени

„Екстремната топлина е нова абнормалност и светот мора да го дознае одговорот на тој предизвик“, рече Гутереш, пренесува Хина.

Годинава екстремните горештини усмртија 1.300 аџии во Саудиска Арабија, училиштата во Африка и Азија беа затворени за околу 80 милиони деца поради високите температури, а бројот на хоспитализирани и починати во Сахел поради горештините се искачи на рекорд.

Обединетите нации ги повикаа владите, покрај намалувањето на употребата на фосилни горива, главниот двигател на климатските промени, да ја зајакнат заштитата за најранливите групи, постарите, бремените жени и децата и да ја зголемат заштитата на работниците на отворено.

Според Меѓународната организација на трудот, повеќе од 70 отсто од глобалната работна сила, што е околу 2,4 милијарди луѓе, е изложена на ризик од екстремни горештини.

Во Африка речиси 93 отсто од работната сила е изложена на прекумерна топлина, а во арапските земји 84 отсто.

Годишно, околу 19.000 луѓе умираат како последица на жештините, а околу 23 милиони се здобиваат со повреди на работа, поради што Гутереш повика на „заштитни мерки за работниците, засновани на човековите права“.

Ова е првпат ОН да повикаат на глобална акција против екстремните горештини.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.