Морињата се навистина полни со необични суштества, а едно штотуку е откриено и ги воодушеви научниците.

Имено, тоа е бесмртно и може на неодредено време да го избегнува стареењето, бидејќи се регенерира себеси. И тоа не дел по дел, туку цело тело, пишува Newsweek.

Суштеството се вика Hidractinia symbiolongicarpus и тоа е мал безрбетник кој живее на лушпи од ракови, според студијата објавена во списанието Cell Reports.

„Студиите како овие, кои ја истражуваат биологијата на необични организми, откриваат колку се универзални биолошките процеси и колку сè уште ни треба да ги разбереме нивните функции, односи и еволуција. Таквите откритија имаат голем потенцијал да дадат нови сознанија за човечката биологија“, рече Чарлс Ротими, коавтор на трудот.

Научниците одамна знаат дека овој безрбетник е посебен поради матичните клетки што ги користи за регенерација на ткивата. Тие се способни да се трансформираат во било кој тип на телесни клетки, а тоа ги прави способни да го стимулираат растот на нови делови од телото. Луѓето можат да ги користат овие клетки само во првата фаза од развојот, додека ова суштество може да го прави тоа во текот на својот живот.

Foto: Profimedia

Истражувачите откриле дека Hidractinia ги складира своите матични клетки во долната половина од своето тело, но кога и ја исекле устата, израснало сосема ново тело, што покажува дека животното можело да генерира нови матични клетки. За да истражат како се активираат овие матични клетки, авторите опишале во трудот како го скенирале геномот на Hidractinia за гени поврзани со стареењето.

Тие откриле дека од трите гени на Hydractinia поврзани со стареењето, еден е „вклучен“ во клетките во близина на местото на резот во устата. Кога овој ген бил избришан од геномот, суштетсвото не можело да се регенерира, што покажува дека му треба стареење за да регенерира нови матични клетки.

Се подразбира дека ситуацијата со ова суштество е сосема поинаква отколку со нашиот вид.

„Од животни како Hydractinia, можеме да научиме како стареењето може да биде корисно и да го прошириме нашето разбирање за стареењето и третманот“, рече Енди Баксеванис, коавтор на студијата.

Научниците досега открија способност за регенерација кај 35 видови животни. Некои животни се дури и целосно имуни на стареење, како што се хидрата и „бесмртната медуза“ Turritopsis dohrnii.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.