Голем број семејства за новогодишните и божиќните празници, освен со китење на елката, домот го украсуваат и со цвеќето божиќна ѕвезда, кое цвета во периодот околу Божик.
Цветовите на божиќната ѕвезда всушност не се вистински цветови, туку се листови на растението, кои можат да бидат во различни бои: црвена, жолта, портокалова, бела и крем. Вистинските цветови се многу мали и незабележителни и имаат зелена или жолта боја, а се во форма на бобинки.
Името божиќна ѕвезда ова цвеќе го добило бидејќи листовите му се во облик на ѕвезда. Цвета за Божик, а ја симболизира ѕвездата што на тројцата мудреци им го покажала патот до Исус.
Постојат и други легенди за божиќната ѕвезда.
Според една стара мексиканска легенда, првата божиќна ѕвезда настанала од молитвите на девојчето Марија и нејзиното братче Пабло. Тие потекнувале од сиромашно семејство и немале пари да купат подарок за малиот Исус. На Бадник кога оделе кон црквата набрале полски билки наместо подарок. Кога ги ставиле билките околу колепката на Исус, нивните зелени листови станале сјајно црвени цветови.
Според друга легенда, пак, убавината на ова цвеќе се должи на некоја ацтечка божица, на која поради несреќната љубов ѝ се распарчило срцето. Од капките на нејзината крв израснал огнен цвет со црвена боја опкружен со зелени ливчиња.
Како да ја негувате божикната ѕвезда
Додека цвета, растението треба да го чувате во малку постудена просторија на температура од 12 до 14 степени Целзиусови затоа што во потопла просторија брзо ќе прецвета.
Растението го бара најсветлото место (на прозорецот) и влажен воздух, а тоа се однесува на централното греење каде што температурата е повисока. Кога ќе прецвета, односно кога ќе ѝ отпадне цветот, растението можете да го префрлите во малку постудена просторија. Најпогодната температура е од 10 до 12 степени. Тогаш престанувате да го налевате, па растението ќе ги отфрли лисјата, што значи ќе настапи мирување.
Во април растението треба да се пресади во свежа, хранлива земја со 15 отсто чист речен песок.
Кога ќе го пресадувате цвеќето, добро е гранчињата да ги скратите на должина од околу 10 сантиметри. Местото каде што сте го исекле цвеќето запрашете го со дрвен јаглен или запечатете го со восок од запалена свеќа, за да не истече млекото. Ако истече млекото од растението, тешко дека тоа повторно ќе цвета.
На пресаденото растение обезбедете му светлина и топло место, во близина на прозорец, а на почетокот налевајте ја внимателно. Кога ќе почне да пушта нови гранчиња, залевајте ја обилно и тоа секогаш со млака вода.
Кон крајот на јуни можете да изнесете надвор на сончево место.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.