Оваа промена покренува прашања во врска со уредувањето на содржината според црната листа на Фејсбук, за која критичарите велат дека нема нијанси и контекст, вели Интерсепт.
Фејсбук привремено ќе им дозволи на своите милијарди корисници да го фалат Азовскиот баталјон, украинска неонацистичка воена единица за која претходно беше забрането слободно да се дискутира според политиката на компанијата за опасни поединци и организации, дознал американскиот медиум.
Овонеделното менување на правилото е поврзано со руската инвазија на Украина и претходната воена ескалација.
Баталјонот Азов, кој функционира како оружено крило на поширокото украинско бело националистичко движење Азов, почна како доброволна антируска милиција пред формално да ѝ се приклучи на Украинската национална гарда во 2014 година. Полкот е познат по својот тврдокорен десничарски ултранационализам и неонацистичката идеологија распространета меѓу неговите членови.
Иако во последниве години ги минимизираше своите неонацистички симпатии, афинитетите на групата не се кријат: војниците на Азов маршираат и тренираат облечени во униформи со икони на Третиот Рајх; неговото раководство наводно им се додворувало на американските алт-десничарски и неонацистички елементи; а во 2010 година, првиот командант на баталјонот и поранешен украински парламентарец, Андриј Билецки, изјави дека националната цел на Украина е „да ги поведе белите раси во светот во последната крстоносна војна… против Untermenschen (подлуѓето) предводени од семитите“.
Со оглед на тоа што руските сили, наводно, брзо се движат против цели низ Украина, Фејсбуковиот отворен пристап кон уредување врз основа на црни листи ја става компанијата во ќор-сокак: што се случува кога групата за која сметате дека е премногу опасна за слободно да се разговара за неа, ја брани својата земја од инвазија?, вели Интерсепт.
Според материјалите за внатрешна политика што ги добил медиумот, Фејсбук ќе „дозволи пофалби за баталјонот Азов кога експлицитно и исклучиво ќе се фали нивната улога во одбраната на Украина ИЛИ нивната улога како дел од Националната гарда на Украина“. Внатрешно објавените примери на говор што Фејсбук сега го смета за прифатлив вклучуваат „Волонтерите на движењето Азов се вистински херои, тие се мошне потребната поддршка за нашата национална гарда“; „Нападнати сме. Азов храбро го брани нашиот град последните 6 часа“; и „Мислам дека Азов игра патриотска улога за време на оваа криза“.
Материјалите предвидуваат дека Азов сè уште не може да ги користи платформите на Фејсбук за регрутирање или за објавување свои изјави и дека униформите и транспарентите на полкот ќе останат како забранети слики со симболи на омраза, дури и додека војниците на Азов може да се борат носејќи ги и прикажувајќи ги. Како премолчано признавање на идеологијата на групата, меморандумот дава два примери на објави што не би биле дозволени според новата политика: „Гебелс, Фирерот и Азов, сите се одлични модели за национални жртви и хероизам“ и „Браво, Азов, за заштитата на Украина и нејзиното бело националистичко наследство“.
Во изјава за Интерсепт, портпаролката на компанијата Ерика Сакин ја потврдила одлуката, но одбила да одговори на прашањата за новата политика.
Исклучокот несомнено ќе ги збуни модераторите на Фејсбук, вели Интерсепт, кои имаат задача исцрпувачки да ги толкуваат магливите и повремено контрадикторни правила за цензура на компанијата. Иако корисниците на Фејсбук сега може да ја пофалат секоја идна акција на бојното поле на војниците на Азов против Русија, новата политика забележува дека „секоја пофалба за насилство“ извршена од групата е сè уште забранета.
Не е јасно каков вид ненасилна војна очекува компанијата, вели Интерсепт.
Иако промената може да биде добредојдена вест за критичарите што велат дека распространетата, главно тајна политика за опасни поединци и организации може да го задуши слободното изразување на интернет, таа исто така нуди дополнителни докази дека Фејсбук одредува кој говор е дозволен врз основа на надворешнополитичките пресуди на Обединетите нации. Минатото лето, на пример, Мадерборд објави дека Фејсбук на сличен начин направил исклучок од своите политики за цензура во Иран, привремено дозволувајќи им на корисниците да објавуваат „Смрт за Хамнеи“ во период од две недели. „Мислам дека тоа е директен одговор на надворешната политика на САД“, рече Диа Кајали од непрофитната Мнемоник за изземањето за Азов. „Така отсекогаш функционирала… листата.“
Од друга страна, Фејсбук почна да ги идентификува сите медиумски профили на Фејсбук и Инстаграм што се контролирани од руската држава. Компанијата, исто така, им забрани на руските државни медиуми да купуваат реклами или да ја монетизираат својата содржина каде било во светот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.