Зголемени трошоци и пад на продажбата – кризата со куповната моќ силно ги погодува британските пабови, при што бројот на банкроти во тој сектор лани скокна за 83 отсто на годишно ниво. Тоа го објави британската сметководствена фирма UHY Hacker Young.
„По тешкиот период за време на пандемијата, многу пабови и барови се најдоа со мали заштеди и неможност да земат дополнителни заеми“, а за некои „актуелното економско забавување стана последниот притисок кон банкрот“, се вели во соопштението објавено денеска од компанијата.
За време на пандемијата владината помош одржа голем број бизниси во живот. Сепак, 512 пабови поднесоа барање за банкрот во 2022 година, што е повеќе од 280 претходната година, кога цените на електричната енергија пораснаа, оптоварувајќи ги корпоративните буџети, се вели во соопштението.
Покрај тоа, кризата на трошоците за живот „влијае на навиките на потрошувачите, што ги прави помали шансите да трошат на несуштински добра“, според сметководствената фирма. Штрајковите на железничарите поради платите, кои зачестија во последните месеци низ земјата, ги одвратија клиентите од пабовите во централните делови на градот.
Бројот на пабови е во бавно опаѓање низ целата држава веќе неколку децении, но „неодамнешните пресврти како што се пандемијата и енергетската криза ги ставија под невиден притисок“, според трговската федерација, Британската асоцијација на пабови и пивари (BBPA).
Пред презентацијата на буџетот во Парламентот на 15 март, организацијата ја повика владата „сега да инвестира во пабови особено преку поповолен даночен режим, или засекогаш да ги изгуби“. з
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.