Пред да започне празничниот продолжен викенд, да ја заокружиме мисијата која ја започнавме на почетокот на декември ОСТВАРУВАМЕ ЖЕЛБИ поврзана со овие празници.Сакаме да споделиме со вас, дека успеавме на сите пристигнати желби да одговориме со остварување на истите, благодарение на поддршката која ја добивме од Космик Девелопмент. Од желби имаше сѐ…од облека, преку снимена песна од омилен изведувач…до компјутери…и ги остваривме сите, велат од Народен театар-Битола.
Да потсетиме….“Напиши желба, а ние ќе ти ја оствариме” под ова мото, на почетокот на декември започна акцијата на битолскиот театар •ОСТВАРИ ЖЕЛБА• со цел во времето на подарување, но за оние кои не ни сонуваат дека желбите ќе им бидат остварени, да се успее да се остварат.
Оваа акција беше наменета за децата од категориите на социјално загрозените семејства, за кои празниците се само уште еден ден за борба со немаштијата која ги следи за жал верно.
,,Сите идеали на светот се помалку значајни од солзите на едно дете” рекол Достоевски. Поттикната од оваа реченица сметам дека идеалите треба да ги насочиме кон тоа тие детски солзи да бидат што поретки. Да помогнеме некому со насмевка, да подадеме рака или прегратка на оној што е немоќен, да лекуваме со случаен убав збор на улица, а од очите да ни блика емпатија ете тоа е насоката во која посакувам да се движат човечките идеали 365 дена во годината. Ако со оваа кампања барем малку успееме да усреќиме некого, тогаш за миг сме успеале во намерата светот да е подобро место. Можеби звучи идеалистички но чекор по чекор„- изјави Илина Чоревска, програмски директор на Народен театар Битола за медиумите.
Битолскиот театар сакаше со апел кој го упати преку јавна акција на социјалните медиуми до битолските комапнии и поединци и со нивната верна публика, да ги направи радосни празниците за овие деца. И успеа. Уште во првите денови од акцијата се јави ИТ компанијата Космик Девелопмент, која прифати да ги обезбеди сите подароци срочени во желби од страна на децата.
Подароците беа набавени, спакувани и доставени до Народен театар Битола на ден пред Новата Година, од каде дојдоа родителите со децата да си ги подигнат.
„Сакаме на убав начин да ги направиме радосни празниците за овие деца.
А тоа се деца на семејства кои имаа егзистенцијални проблеми, деца на самохрани родители и ги спојува едно нешто, а тоа е тешкиот животен пат. Знаеме дека нема да го промениме целиот свет со тоа, но ќе го разубавиме нивниот свет на еден ден”- истакнаа од Космик Девелопмент.
На крај на акцијата, се јави уште една компанија ВИГО-48 од Битола која донираше новогодишни пакетчиња за сите пријавени деца.
Како Битолски народен театар, планираме акцијата да ја продолжиме и во иднина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.