Дојче веле

Додека остатокот од светот се движи на работ на рецесија, последното нешто што го сакаат западните политичари е Кина – најголемиот двигател на глобалниот економски раст од финансиската криза во 2008 година – да каска во своето закрепнување од последиците од пандемијата. Но, токму тоа се случува сега. Откако во декември ја напушти својата тригодишна политика на нулта толеранција на Ковид, втората по големина светска економија сè уште не работи со полна пареа.

Кинескиот увоз во април остро падна за 7,9 отсто, додека извозот порасна со побавно темпо: 8,5 отсто во споредба со 14,8 отсто во март. Потрошувачките цени во април се зголемија со најбавно темпо во повеќе од две години, додека фабричката дефлација, цените понудени од кинеските индустриски трговци на големо, се продлабочи.

Во меѓувреме, новите банкарски заеми, исто така, паднаа многу повеќе од очекуваното во април, при што кредиторите во тој месец одобрија 718,8 милијарди јуани (94,5 милијарди евра), што е помалку од една петтина од вкупниот износ во март.

Дали златното доба на Кина е зад нас?

„Кинеската економија не е на пат да имплодира, но и не се враќа во златната деценија од 2010-тите кога порасна на двоцифрено ниво“, изјави за Дојче Веле Стив Цанг, директор на Кинескиот институт при лондонската школа за ориентална и африканска култура (СОАС).

Силното закрепнување во Кина би помогнало да се амортизира очекуваното забавување во другите делови од светот, поттикнато од построгите монетарни политики на централните банки во изминатите 12 до 18 месеци.

Огромниот стимул на Кина по финансиската криза од 2008 и 2009 година и помогна на глобалната економија да закрепне – делумно поради ненаситниот апетит на азиската земја за увезени суровини за инфраструктурни проекти. Но, токму овие стимулативни мерки ја оставија Кина со куп долгови.

Во март, ММФ предупреди дека само долгот на локалната власт на Кина пораснал на рекордни 66 трилиони јуани, што е половина од БДП на земјата.

Цанг истакнува дека оние западни политичари кои сега се молат Кина да ги оживее нивните економии ќе мора „без очилата што ја разубавуваат реалноста, да се соочат со новата политичка и економска реалност“.

Заканата за Тајван ја турка Кина во изолација

Кинеската закана дека ќе изврши инвазија врз Тајван, кој Пекинг го смета за дел од Кина, продолжува да го антагонизира Западот. Пријателските врски со Москва и неутралноста во однос на руската инвазија врз Украина се дополнителни спорни прашања кои ја загрозуваат глобалната економска соработка.

– Што се однесува до Тајван, зголемувањето на тензиите или војна би довело до сеизмички промени, изјави за Дојче Веле Пушан Дут, професор по економија во сингапурското бизнис училиште ИНСЕАД. „Мултинационалните компании би се повлекле од Кина, нејзините извозни пазари би биле затворени и би биле воведени санкции“.

Трговските тензии меѓу Пекинг и Вашингтон од ерата на Трамп продолжија и во администрацијата на претседателот Џозеф Бајден. Реципрочните царини доведоа до американски санкции против неколку кинески фирми и официјални лица. Вашингтон дури и го ограничи пристапот на Кина до нејзината технологија за полуводород и вештачка интелигенција, повикувајќи се на загриженост за националната безбедност.

– Агресивната политика што ја спроведува кинескиот претседател Си Џинпинг резултираше со тоа што САД и другите западни земји почнаа да се дистанцираат или да ги намалуваат ризиците во нивните економски врски со Кина, што значи дека слабее клучниот фактор што претходно го поддржуваше брзиот раст на Кина, смета Цанг.

Како САД спречија продажба на данска компанија на Кина

Кинеската иницијатива „Појас и пат“ западните политичари се повеќе ја сметаат за закана за нивните интереси. Таа програма, често наречена „Новиот пат на свилата“, е инвестиција вредна 771 милијарда евра во патишта, мостови, пристаништа и болници во повеќе од 150 земји. Расте загриженоста и критиките дека овој проект ги намамил земјите во развој во должнички замки со огромни заеми кои некои земји не можат да си ги дозволат (на пример Црна Гора), а во исто време ги ослабува нивните врски со западните земји.

Минатиот месец, претседателката на Европската централна банка Кристин Лагард, исто така, предупреди на можна фрагментација на глобалната економија во ривалски блокови предводени од Кина и САД, велејќи дека тоа ќе му наштети на глобалниот раст и ќе ја зголеми инфлацијата.

Пекинг му дава приоритет на „растот на квалитетот“

Друга причина за не толку одличното закрепнување на Кина по Ковид-блокадата е стратешкиот план на Пекинг да ја придвижи својата економија нагоре во однос на вредноста на стоката, давајќи предност на квалитетот пред квантитетот. Сепак, реформите од овој вид бараат многу време.

„Кина се обидуваше да направи промена од нискобуџетен производител во доминантна сила кога станува збор за т.н. индустрии на иднината (вештачка интелигенција, роботика, полупроводници итн.)“, вели Дут. Но, оддалечувањето од тешката индустрија во која доминираат државните фирми, кон иновации и домашна потрошувачка, смета економистот, неизбежно предизвикува забавување на растот.

Си ја кочи економијата

Цанг за Дојче Веле изјави дека е јасно дека Си сака кинеската економија да стане подинамична, пожива, помоќна и иновативна. Но, како што додава, „неговата политика често произведува спротивен ефект“. „Додека Си ја консолидира својата моќ и при тоа не ги признава сопствените грешки, за технократите во Кина практично е невозможно да ги спроведат потребните адаптирања за да ја ревитализираат економијата, тврди експертот од Лондон, Цанг.

И покрај тоа, Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предвидува дека Кина ќе продолжи да биде најголемиот двигател на глобалниот економски раст во следните пет години, придонесувајќи со околу 22,6 проценти од вкупниот светски раст – во споредба со само 11,3 проценти колку што отпаѓаат на САД.

И додека забавувањето на побарувачката од Запад ќе продолжи негативно да влијае врз кинескиот извоз, стопанските гранки ориентирани на домашниот пазар имаат причина да бидат задоволни, особено по три години карантин поради Ковид, а потоа и намалена потрошувачка.

„Кинеските потрошувачи акумулираа 2,6 трилиони долари вишок заштеди за време на пандемијата“, вели Дут. „Затоа, очекувајте секторот на услуги краткорочно да го компензира заостатокот од периодот на пандемијата“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.