Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика висок функционер на Обединетите нации (ОН) да помогне да се најде начин да се реши, како што велат украинските власти, сериозна последица од 11-месечната војна – депортацијата на илјадници возрасни и деца во Русија.
Украина со месеци ги осудува извештаите за масовни депортации во Русија, често во региони на илјадници километри од Украина. Русија негира какви било сугестии за малтретирање или криминални намери, опишувајќи ги масовните движења како евакуација.
„Дискусијата пред сè се фокусираше на нашите луѓе кои беа депортирани во Русија од окупаторите“, рече Зеленски во видео-обраќањето во текот на ноќта, осврнувајќи се на разговорите со високиот комесаријат на ОН за бегалци Филип Гранди претходно во средата.
„Потребен е механизам за да се заштитат и да се вратат луѓето и да се изведат пред лицето на правдата сите оние кои се виновни за депортации. Сигурен сум дека институциите на ОН можат да покажат лидерство во решавањето на овој проблем“, додаде тој.
Зеленски ја опиша руската политика на затворање и принудување бегалци да земат руско државјанство како геноцид.
Украинскиот министер за надворешни работи го осуди „државно организираното одземање деца“.
Гранди, кој ја заврши турнејата во шест градови низ Украина, рече дека е особено трогнат од последиците од ракетниот напад во кој загинаа 46 луѓе во централниот град Дњепар минатата недела.
„Сум бил сведок на војна на многу места. Но, кога ќе ги видам тие станови кои се поделени на два дела… Кога ќе дознаам дека во еден удар загинале луѓе, меѓу кои и шест деца под урнатините, имам малку што да кажам“, рече тој во видеото објавено на Твитер профилот на УНХЦР.
Зеленски ги критикуваше како неефикасни напорите на другите меѓународни организации за решавање на проблемот со депортациите, вклучително и Меѓународниот комитет на Црвениот крст и 57-члената Организација за безбедност и соработка во Европа.
Официјалниот украински портал „Деца на војната“ (Children of War) наведува дека досега во конфликтот од 26 јануари се убиени 459 деца, а 916 се ранети. Исто така се наведува дека 14.711 деца биле депортирани, а 126 се вратени.
Украинските застапници за човекови права зборуваат за можна депортација на стотици илјади граѓани.
Стејт департментот на САД наведе бројка меѓу 900.000 и 1,6 милиони депортирани Украинци, вклучувајќи 260.000 деца.
Извор: МИА
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.