Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија дека извршила геноцид во Украина за да истреби цела нација, еден ден по откривањето на голем број тела на улиците на градот во близина на Киев, по повлекувањето на руските сили.

„Да, тоа е геноцид. Истребување на целата нација и народ“, изјави Зеленски за CBS.

„И ова се случува во Европа во 21 век“, рече украинскиот претседател и ја осуди „тортурата на целата нација“.

Украина ја обвини руската војска дека свесно извршила масакр во Буча, каде што беа пронајдени мртви тела, и бара истрага и гонење на сторителите.

Претседателот Зеленски ја повика Русија целосно да ги повлече своите сили со цел враќање на ситуацијата пред 24 февруари, кога почна руската инвазија.

„Тоа ќе ни овозможи да започнеме да разговараме за други прашања. За ставање крај на окупацијата и како ќе живееме потоа“, додаде тој за CBS.

Прво примирје, а потоа можам да се сретнам со рускиот претседател

„Не можам да одам ни на состанок додека трае гранатирањето. Значи, прво примирје, а потоа можам да се сретнам со рускиот претседател Владимир Путин“, додаде Владимир Зеленски.

„Ние двајца ќе разговараме за безбедносните гаранции и статусот на неутралност, зачувување на нашиот суверенитет и силна армија“, рече тој, потсетувајќи на предлозите на Украина во преговорите со Москва.

„Ако тој договор се прекрши, ние мора да можеме да се браниме“, предупреди тој.

„Откако ќе ги завршиме преговорите, сите сили мора да се повлечат, а по нивното повлекување, можеме да седнеме на маса со земјите кои ќе бидат гаранти на безбедноста“, додаде тој.

Зеленски претходно со остра реторика на социјалните мрежи ги коментираше случувањата во Буча

„Мајките на руските војници треба да го видат ова. Погледнете какви гом*ари сте пораснале. Убијци, крадци, касапи“, напиша тој на Фејсбук.

Зеленски исто така беше остар кон НАТО, велејќи дека Алијансата имала шанса да ја спречи руската инвазија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.