Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, говорејќи на состанокот на лидерите на Г7, истакна дека Русија се обидува да ја вовлече својата сојузничка Белорусија во војната во Украина.

Русија се обидува директно да ја вовлече Белорусија во оваа војна, со провокација дека наводно подготвуваме напад врз таа држава – изјави Зеленски.

Тој повика да бидат поставени меѓународни набљудувачи на границата меѓу Украина и Белорусија „за следење на безбедносната ситуација“.

Зеленски ги повика земјите-членки од Групата седум да му помогнат на Киев да купи и распореди системи за ПВО, откако руските проектили сериозно оштетија енергетски постројки на Украина.

Ве молам да ги зајакнете севкупните напори за финансиска помош за создавање на воздушен штит за Украина. Милиони луѓе ќе и бидат благодарни на Групата седум за таквата помош – изјави во видео обраќањето до лидерите на Г7.

Зеленски им порача на лидерите на Г7 дека Владимир Путин се уште има „простор за ескалација“ по дводневните интензивни воздушни напади врз градови низ Украина, вклучително и Киев.

Рускиот лидер, кој сега е во последната фаза од своето владеење, се уште има простор за понатамошна ескалација – изјави Зеленски, додавајќи дека тоа е „закана за сите“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.