Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, ја повика Швајцарија да дозволи извоз на нејзино оружје во Украина, велејќи дека тоа е од клучно значење за борбата против руските сили.

Знам дека Швајцарија разговара за извоз на воен материјал за заштита и одбрана на Украина. Тоа би било клучно. Ни треба оружје за да го вратиме мирот во Украина, изјави Зеленски во обраќањето пред швајцарскиот парламент преку видео врска.

Швајцарија има долгогодишна политика на забрана за препродажба на швајцарско оружје на земји во конфликт. Кон крајот на минатата година оваа централноевропска земја воведе ембарго за продажба на муниција на Русија и Украина.

Прашањето поттикна дебата во Швајцарија, која се обидува да одржи рамнотежа помеѓу својата традиционална политика на неутралност и грижата за своето европско соседство и домашното производство на оружје.

Зеленски и се заблагодари за приклучувањето кон европските санкции против Русија и ја покани да биде домаќин на светскиот состанок за мир.

Многу е важно да се покаже солидарност бидејќи овие санкции ни помагаат да ставиме крај на агресијата. Би сакал да ве поканам да одржите глобален состанок за мир. Можете да преземете водечка улога таму и да ја искористите вашата национална експертиза, изјави украинскиот претседател, нагласувајќи дека санкциите треба да се зајакнат.

Неговото обраќање поттикна тензии во парламентот откако десничарската Швајцарска народна партија оцени дека говорот ја нарушува неутралноста на земјата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.