Германскиот канцелар Олаф Шолц, соопшти дека презема мерки за да ги направи последиците од инфлацијата поподносливи за граѓаните со еднократни плаќања. Тој предлог предизвика поделени реакции во германија.

„Дојче Веле“ прави анализа како владите во Европа се справуваат со ова прашање?

Животот поскапува и тоа не само во Германија. Многу земји доживуваат стапки на инфлација што не се забележани со децении. Клучната причина е порастот на трошоците за енергија како резултат на санкциите наметнати на Русија по војната во Украина.

Со цел да го спречи зголемувањето на цените, германската влада одговори со даночни и царински олеснувања за фосилните горива. Оние кои долго време се невработени добиваат еднократен надоместок од 200 евра, а детскиот додаток се зголемува за 100 евра месечно.

Канцеларот Шолц сега предложи работодавците и синдикатите во претстојните редовни преговори да се договорат за еднократна исплата, која во тој случај би била ослободена од данок, а не за зголемување на платата.

На овој начин сака да го спречи т.н спирала на плата и цена која се јавува кога потрошувачите номинално имаат се повеќе и повеќе пари да купат иста количина на стоки. Ова го отстранува економскиот поттик за прилагодување на потрошувачката на оскудната понуда предизвикана од порастот на цените.

Според студијата на бриселската тинк-тенк „Бројгел“, речиси сите влади во Европа презеле некои чекори за да го растеретат своето население. Патеките, сепак, се сосема различни.

Грција

Откако грчките граѓани мораа да трпат пад на реалните плати речиси секоја година во изминатата деценија, државата сега реагираше брзо за да ја ублажи загубата на куповната моќ.

Според податоците на Бригел, Владата за ова обезбедила пакет мерки во висина од 3,7 отсто од бруто домашниот производ (БДП) – во однос на економското производство на земјава. Затоа овој пакет е најскап во цела Европска Унија.

Минатата есен, официјална Атина одлучи да воведе паушални месечни одбивања до 42 евра месечно за приватните и деловните сметки за електрична енергија. Со тој паушал владата го задржа поттикот за заштеда на струја. Покрај тоа, домаќинствата со ниски приходи и помалите фирми имаат релативно поголема корист.

Сепак, владата ја промени стратегијата на почетокот на годината: компаниите добија намалување на цените за 65 евра по мегават-час (MWh), а социјално ранливите домаќинства за 180 евра по MWh.

Тоа намалување на цената секако е забележливо ако се земе предвид дека едно нормално домаќинство троши меѓу три и пет мегават-часови годишно.

По истиот принцип, програмата ги олеснува и потрошувачите на гас. Недостаток е што има помал поттик за потрошувачите да штедат енергија. Тоа доведува до зголемена побарувачка, а со тоа и до пораст на цените.

Естонија, Литванија, Летонија

По тој редослед, трите балтички држави ја предводат листата на Евростат на земји со највисока стапка на инфлација во Европа. Тие се и во првите шест кога станува збор за поскапувањето на енергијата.

Една од причините е тоа што, покрај увозот на руски суровини, овие земји купуваа и голема количина струја од Русија. Затоа оддалечувањето од увозот на енергетски производи од Русија влијае двојно на нив.

Според Бројгел, тие три земји трошат многу различни износи, мерени според БДП, со цел да ги заштитат граѓаните од поскапувања.

Естонија, која забележа најголем пораст на цените на енергијата, троши само 0,8 отсто од БДП на мерки. Најголем дел од нив оди за домаќинствата со ниски приходи. Дополнително, владата прво ги преполови таксите за мрежата, а потоа целосно ги укина – се со цел да ги намали потрошувачките цени. На крајот владата ги ограничи и цените на гасот и струјата.

Летонија, исто така, им плаќаше на економски слабите домаќинства паушална стапка за трошоци за енергија до 20 евра месечно и ги намали таксите за мрежата.

Литванија го воведе најголемиот енергетски пакет од сите три балтички земји и втор по големина меѓу земјите на ЕУ. Приближно половина од приближно две милијарди евра треба да се насочат во директна помош. Со другата половина, владата сака да поттикне инвестиции во енергетска независност преку обновливи извори на енергија.

Унгарија

Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја ограничи висината на цела серија потрошувачки цени непосредно пред изборите во април. Тој ги замрзна цените на горивата минатата есен. Сепак, ваквите мерки целосно го поништуваат економски важен сигнал за потрошувачите: никој не ја ограничува потрошувачката, иако стоките стануваат се поретки.

Бензинските пумпи трпат поради поскапувањето на горивата. Субвенцијата во противвредност од пет евроценти за литар е, според тврдењата на индустриските здруженија, апсолутно недоволна. Затоа се очекува затворање на погони и стечаи.

Иако државната финансиска помош очигледно не е доволна, според новинската агенција Ројтерс, мерките, и покрај тоа, може да ја чинат Унгарија околу пет милијарди евра.

Обединето Кралство

Британците минуваат низ највисоката стапка на инфлација во последните 40 години. Трошоците за енергија и гориво се многу важен фактор и таму – и покрај ценовните плафонски мерки кои се во сила долги години.

Сепак, регулаторното тело „Офгем“ ја прилагодува оваа граница двапати годишно на пазарните услови, така што на пазарот остануваат само доверливи добавувачи на енергија.

Во април, тоа регулаторно тело ја зголеми горната граница за неверојатни 54 проценти – на 1.971 фунти (околу 2.300 евра). Износот се однесува на индивидуално домаќинство и година за просечна количина на гас и електрична енергија.

Во октомври, сметката за енергија на секое домаќинство автоматски ќе се намали за 200 фунти. Но, граѓаните ќе треба да ги вратат тие 200 фунти некаде во следните пет години.

Во пракса, само домаќинствата со ниски примања се всушност олеснети. Локалните енергетски компании се обврзани да им дадат попуст од 140 фунти на нивната годишна сметка, која се плаќа од профитниот фонд специјално формиран за таа намена. Во иднина би требало да имаат корист повеќе граѓани, а попустот би можел да се зголеми.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.