Високиот суд во Лондон денеска одлучи дека основачот на Викиликс Џулијан Асанж може да поднесе жалба против екстрадицијата во САД.
Во одлуката на судот се наведува дека Асанж може да се жали на целосно сослушување, освен ако САД не обезбедат „задоволителни гаранции“, пишува Гардијан.
Како што се наведува, доколку судот одлучил поинаку, во рок од неколку дена тој можел да биде екстрадиран во САД, кои го товарат за шпионажа.
Судот соопшти дека бара дополнителни гаранции од САД за тоа дали Асанж може да се повика на Првиот амандман и дали би можел да биде подложен на смртна казна по екстрадицијата, пренесува Би-Би-Си.
Доколку САД не ги дадат овие гаранции, на Асанж може да му биде одобрена жалбата против одлуката за екстрадиција. На дводневното рочиште, неговите адвокати тврдеа дека обвиненијата, кои се однесуваат на објавувањето илјадници доверливи и дипломатски документи поврзани со војните во Авганистан и Ирак, се политички мотивирани и дека барањето за екстрадиција е незаконско.
Судиите на Високиот суд во Лондон во образложението наведуваат дека адвокатите покажале дека Асанж има спорен случај и треба да му се даде можност да го претстави на целосна жалбена расправа закажана за 20 мај, кога ќе биде донесена одлука за неговата екстрадиција.
САД бараат екстрадиција на Асанж за објавување тајни воени досиеја во 2010 и 2011 година, а тој е обвинет за 17 точки од обвинението за шпионажа и може да се соочи со 175 години затвор доколку биде осуден.
Американските обвинители, сепак, тврдат дека казната нема да надмине 63 месеци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.