Украина во неделата тврдеше дека нејзините војници и натаму се борат за контролата над источниот град Бахмут, откако претседателот Володомир Зеленски претходно во неделата на маргините од самитот на Г7 во Хирошима за новинарите рече дека градот „сега е само уште во нашите срца“, додека рускиот претседател Владимир Путин веќе го честита „ослободувањето на градот“ и ветува признанија.

Запрашан пред средбата со американскиот претседател Џо Бајден во Јапонија, дали украинската војска сѐ уште се бори во Бахмут откако шефот на руската приватна воена компанија „Вагенр“, Евгениј Пригожин во саботата објави дека неговите борци го заземале градот, Зеленски прво дал нејасен одговор, а потоа на повтореното прашање одговорил „Мислам дека не“, пренесе агенцијaта Reuters.

Притоа, како што подоцна пренесоа и другите агенции, Зеленски додал „Денеска Бахмут е само уште во нашите срца“.

Но портпаролот на украинскиот претседател подоцна излезе со толкување дека Зеленски одговорил наводно на вториот дел од прашањето.

„Новинарското прашање: Русите рекоа дека го заземале Бахмут… Одговорот на претседателот: Мислам дека не“… На тој начин претседателот го негираше освојувањето на Бахмут“, напиша на Facebook портпаролот Серхиј Никифоров.

Пригожин во саботата објави дека руските борци целосно го заземале градот Бахмут (Артјомовск на руски) на административната граница на југоисточната украинска доминантно руско и рускојазичен регион Доњецк кој се отцепи по превратот во Киев во 2014 година, а од ланскиот септември со референдум, кој не го признава меѓународната заедница, се присоедини на Руската Федерација. Станува збор за најдолгата и најкрвава битка со илјадници жртви на двете страни во 15-месечната војна во Украина.

„Тоа е трагедија.. Ништо не остана (таму)“, рекол Зеленски пред новинарите во Хирошима.

Рускиот претседател Владимир Путин, истовремено во неделата, им честиташе на групата „Вагнер“ и на руската војска на, како што истакна“, ослободувањето на Бахмут, кој во Русија се именува по неговото име од советскиот период Артјомовск.

Во соопштението објавено на веб-страниците на Кремљ, Путин наведува дека битката завршила со руска победа и дека оние коишто учествувале во неа ќе добијат државни признанија.

„Шефот на државата ѝ честиташе на борбената група ‘Вагнер’, како и на припадниците на единиците на руските вооружени сили кои има ја дадоа потребната поддршка и ги покриваше нивните крила, на крајот од операцијата за ослободување на Артјомовск. На сите кои се истакнаа ќе им бидат врачени државни признанија“, се додава во објавата на Кремљ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.