Украинските сили го одбија обидот на руските сили да го заземат Харков, изјави гувернерот на градот во неделата, по жестоките борби и улични битки со руските војници што напредуваат.
Гувернерот на Харков Олех Синјехубов изјави дека украинските војници сега го „чистат“ источниот град. Тој рече дека руските војници се предаваат во групи од пет до десет и ја фрлаат својата опрема на средината на патот.
„Контролата над Харков е целосно наша!“, објави Синјехубов на Фејсбук. „Се случува целосно чистење на градот од непријателот. Рускиот непријател е апсолутно деморализиран“.
Претходно гувернерот рече дека руски лесни воени возила упаднале „во градот“, вклучително и во централните области. Тие пристигнаа во северните предградија во 8 часот наутро, рече тој. Тој ги повика сите цивили да останат внатре. „Граѓани на Харков, не напуштајте ги засолништата, не користете транспорт“, рече тој.
Видеата што кружат на социјалните мрежи покажаа слики од руски војници кои се движат низ станбени области и блокови од времето на Советскиот Сојуз. Војниците пешки користеле оклопни возила како покритие. Нивните возила беа означени со З, симболот на четиридневната инвазија на Русија.
Но, други снимки сугерираат дека украинската војска нанела загуби. Имаше слики од уништена руска колона и слики од престрелка во југоисточниот дел на градот. Група руски војници се засолниле во празно училиште, број 88, велат очевидци, во близина на метро станицата „Тракторни завод“.
Украинските војници вооружени со „калшникови“ и фрлачи на гранати се засолнети зад ѕид и дрвја од каде отвораат оган. Пријавени се борби околу авенијата „Шевченко“. Во друг дел од градот локалните борци се шетаа околу уништените руски возила, проверувајќи ја штетата и спасувајќи ја воената опрема.
Обидот на руската операција за заземање на Харков уследи по една ноќ на силно бомбардирање. Зафатена е најмалку една катна станбена блока. Жителите рекоа дека нападите биле „масивни и недискриминирачки“, при што проектил паднал во детско игралиште.
Артем Володимирович, 31-годишен професор по англиски јазик, рече дека руските единици напредувале од север. Тие ја поминаа метро станицата „Перемоха“, последната станица на зелената линија на градот и се упатија кон центарот, изјави тој за „Гардијан“, зборувајќи од подрумското засолниште.
„Руски диверзивни групи навлегоа во Харков. Можеме да слушнеме истрели. Нашата армија сѐ уште е во градот. Украинците сè уште имаат контрола, волонтерите работат, градоначалникот е одговорен, а ние возвраќаме“, рече тој во 11 часот по локално време.
Тоа беше неговата трета ноќ во засолниште, рече тој. „Бомбардирањето беше навистина тешко. Метрото престана да работи во четвртокот попладне и сега се користи како засолниште за бомби. Возовите се отворени. Луѓето спијат во нив бидејќи нема доволно простор на платформите“.
Градот ќе ги порази окупаторските руски сили, предвиде тој. „Мислам дека да. Ние сме дома. Луѓето се борат за своите домови, за своите семејства, за своите најблиски. Тоа е инвазија за нив, одбрана за нас“.
Антон Герашченко, советник на министерот за внатрешни работи на Украина, кој објави видеа од битката на неговиот канал Телеграм, рече дека руската армија се преценила себеси. „Харков за Русите ќе стане украински Сталинград“, напиша тој.
Во неделата беше премногу рано да се каже дали Москва ќе направи нов обид да го освои Харков – или ќе се откаже. Бруталното бомбардирање на град со 1,4 милиони жители покажа дека Русија сега намерно гранатира цивили во приградските области, велат локалните жители.
Во обраќањето објавено на интернет, украинскиот претседател Волдимир Зеленски ја опиша изминатата ноќ како брутална: „Повторно пукање, повторно бомбардирање на станбени области и цивилна инфраструктура“, рече тој.
Тој додаде: „Денес нема ниту една работа во земјата што окупаторите не ја сметаат за прифатлива цел. Тие се борат против сите. Тие се борат против сите живи суштества – против градинките, против станбените згради, па дури и против амбулантите“.
Тој рече дека руските сили „истрелуваат ракети и проектили врз цели градски области во кои нема и никогаш немало никаква воена инфраструктура. „Василкив, Киев, Чернигив, Суми, Харков и многу други градови во Украина живеат во услови кои последен пат беа доживеани на нашите земји за време на Втората светска војна“, тврди тој. (Гардијан)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.