Турција сака да ја види призната независноста на Украина и работи напорно за да се постигне мир, изјави турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу за време на партиски собир во Анталија, пренесува Си-ен-ен.
Според него Турција има силни врски и со Украина и со Русија.
„Силно се спротивставивме на анексијата на Крим во 2014 година. Ако светот дадеше соодветен одговор на анексијата на Крим, немаше да бидеме во оваа ситуација денес“, изјави Чавушоглу.
Тој верува дека двете страни се блиску до договор во фундаменталните области, а независноста на Украина е меѓу условите за кои се разговара. Турција сака да се гарантира независноста на Украина. Заедно со Советот за безбедност на ОН и Германија, Турција сака да биде гарант за независноста на Украина.
Ибрахим Калин, портпаролот на претседателот Реџеп Таип Ердоган, со објави на Твитер, потврди дека Турција продолжува со напорите за ставање крај на војната во Украина. Тој цитираше делови од своето интервју за „Ал Џезира“ и го објави следното:
„Хуманитарните последици од ден на ден стануваат се потешки. Нема да има победници во оваа војна. Мировен договор не е невозможен“.
Калин додаде:
„Најтешките услови за договор се барањето на Русија за признавање на анексијата на Крим под Русија и признавање на т.н. независност на две републики во регионот Донбас. Тие се главните прашања и мислам дека за нив е најтешко да се постигне договор. Останатите четири теми на дискусија се неутралност на Украина, разоружување и безбедносни гаранции за Украина и работата на т.н. денацификација“.
Двајцата функционери истакнаа дека претседателот Реџеп Таип Ердоган има континуирана комуникација и со руските и со украинските претставници во овој процес за да се стигне до крај на војната.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.