Турците на првиот ден од 2022 година беа шокирани од поскапувањето на струјата и гасот, па своето незадоволство го изразуваат на социјалните мрежи.

Веста за поскапување на енергенсите, бензините, патарините и автомобилското осигурување беше објавена нешто пред полноќ.

Струјата за домаќинствата поскапува за 50 отсто, а за индустријата за дури 125 отсто, објави Агенцијата за регулирање на енергетскиот пазар, објаснувајќи дека цените на енергенсите на светскиот пазар пораснале.

Цената на природниот гас скокна за 25 отсто за домаќинствата и 50 отсто за индустријата, соопшти националниот дистрибутер БОТАС.

Куповната моќ на турските потрошувачи се намалува поради инфлацијата која порасна за повеќе од 21 отсто и падот на вредноста на турската лира по серијата намалувања на каматите.
Во Истанбул, малопродажните цени се зголемија за речиси 35 отсто во декември во однос на претходната година, што е најмногу во последните години, соопшти Стопанската комора на Истанбул.

Новите поскапувања дополнително ќе ја зголемат инфлацијата. Турската лира ослабе за речиси 45 отсто во однос на американскиот долар за една година.

Поскапувањата беа критикувани од опозицијата: „Ердоган… ги тераш луѓето да ‘проголтаат’ огромни поскапувања на почетокот на новата година“, коментираше на Твитер лидерот на главната опозициска ЦХП (Републиканска народна партија) Кемал Киличдароглу.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.