Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) соопшти дека светската економија ќе доживее еден од најслабите периоди на раст во последните неколку децении и оти растот ќе биде помал од три проценти во 2023 година.

И покрај силата на пазарот на труд и потрошувачката на потрошувачите во повеќето напредни економии, како и закрепнувањето поврзано со повторното отворање на Кина, очекуваме раст од помалку од три проценти за 2023 година, изјави директорката на ММФ Кристалина Георгиева, пред дипломати во Вашингтон.

Во претходниот извештај на ММФ за светската економија, на крајот на јануари, веќе беше предвиден раст од 2,9 отсто во 2023 година.

Георгиева додаде дека таквиот раст ќе биде околу три проценти во следните пет години.

Генералната директорка на ММФ изјави дека приоритет треба да остане борбата против инфлацијата.

Таа изрази загриженост за состојбата со јавните финансии во повеќето земји, бидејќи јавниот долг е зголемен речиси секаде во светот, под влијание на пандемијата на корона вирусот, а потоа и поради последиците од војната во Украина.

Според неа, значајни се предизвиците на кои треба да се одговори, особено за да се овозможи еколошка транзиција на земјите во развој, чии потреби се проценуваат на 1.000 милијарди долари годишно во следните неколку години.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.