Спасувачките тимови во Авганистан работат деноноќно за да извлечат луѓе од урнатините по силниот земјотрес што го погоди западниот дел на земјата и усмрти најмалку 2.400 лица. Телефонските линии се прекинати, а многу патишта се блокирани и спасувачите се борат да стигнат до оддалечените области. Илјадници луѓе се повредени.
Епицентарот на земјотресот, кој се случи во саботата околу 11 часот по локално време, бил на околу 40 километри северозападно од градот Херат. Најтешко беа погодени селата каде што куќите беа претежно изградени од кал.
„Во првиот земјотрес сите куќи се урнаа“, изјави Башир Ахмад, жител на Херат, чиешто семејство живее во едно такво село, пренесе АФП.
„Таму беа затрупани оние што беа во тие куќи. Има семејства од кои не слушнавме вести“, додава тој.
Светската здравствена организација (СЗО) објави дека најмалку 465 куќи се срамнети со земја. Во многу авганистански градови се собира помош за настраданите од земјотресот.
Селаните користеле лопати и со раце ги извлекле преживеаните од урнатините. Бидејќи нивните домови се уништени, многумина се подготвуваат да ја поминат втората ноќ на отворено.
Во земјата со крајно несоодветни медицински капацитети, здравствените работници мака мачат да ги лекуваат повредените.
„Даваме се од себе“, им рече на новинарите во Кабул, Мула Џанан Сајек, портпарол на Министерството за управување со вонредни состојби.
Тој додаде дека операциите за пребарување се во тек. Херат се наоѓа на 120 километри источно од иранската граница и се смета за културна престолнина на Авганистан. Се проценува дека во покраината живеат околу 1,9 милиони луѓе.
Земјотресите се вообичаени во Авганистан, особено во планинскиот венец Хинду Куш, кој се наоѓа во близина на спојот на евроазиската и индиската тектонска плоча.
Во јуни минатата година, провинцијата Пактика беше погодена од земјотрес со јачина од 5,9 степени во кој загинаа повеќе од 1.000 луѓе, а десетици илјади останаа без покрив над главата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.