Повеќе од 249 полицајци се повредени, а како што, пред кризната седница на Владата, соопшти претседателот Емануел Макрон, оштетени се 492 објекти, изгорени се 2.000 возила и подметнати се 3.880 пожари. Продавници биле ограбени, а автомобили запалени и покрај силното полициско присуство. Франција распореди 40.000 полицајци низ целата земја, но тоа не го спречи избувнувањето на насилството.

Немирите почнаа во вторникот, откако полицаец застрела и уби 17-годишно момче од алжирско-мароканско потекло, Нахел М, кое се обидело да се оддалечи кога бил запрен од полицијата. Полицаецот кој пукал во Нахел му се извинил на семејството. Тој е обвинет за убиство, а неговиот адвокат тврди дека е „уништен“.

Градоначалникот на Нантер, Патрик Жари, се обрати на пресот по средбата со францускиот премиер и членовите на владата. Тој рече дека на средбата ги пренел емоциите и гневот на граѓаните кои се чувствуваат последните денови.

Мораме да продолжиме да го поддржуваме семејството на Нахел и неговата мајка, кои ќе присуствуваат на погребот на нејзиниот син во сабота“, изјави тој.

Тој вели дека во моментов не планира воведување полициски час, туку дека приоритет е деескалација на насилството.

Мораме да продолжиме, мора да бидеме тука, да бидеме еден со друг и да разговараме еден со друг“, додаде тој.

Францускиот претседател Емануел Макрон објави куса изјава за јавноста во која рече дека смртта на младиот Нахел М. е „инструментализирана“ и ја осудува „неприфатливата експлоатација на смртта на адолесцент“.

Тој го осуди насилството „најостро што може“, додавајќи дека „актуелната ситуација е неприфатлива и неоправдана“. Тој не прогласи вонредна состојба, туку најави голем број мерки и предлози насочени кон борба против насилството.

Макрон на тој начин најави дека ќе испрати уште повеќе полицајци на улица. Тој додаде дека родителите не треба да ги пуштаат малолетниците на улица навечер. Тој тврди дека „не е одговорност на државата, туку на родителите да ги држат децата подалеку од нередите“.

Тој рече дека социјалните мрежи исто така одиграле улога во поттикнувањето насилство и дека ќе побара отстранување на „најчувствителните видови“ содржини.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.