Втора година по ред светот влезе во Новата година со ограничени или откажани прослави поради пандемијата на корона вирусот, но со надеж дека 2022 година ќе биде подобра.

Во Европа, каде што речиси милион луѓе починаа од Ковид-19 во текот на изминатата година, традиционалните забави на отворено со концерти и огномет се откажани во повеќето поголеми градови, како Лондон и Париз или беа ограничени како во Мадрид.

Немаше голем огномет на Бранденбуршката порта во Берлин, ниту организиран дочек со илјадници луѓе, а пред полноќ берлинската полиција ги повика луѓето да не се движат кон обележјето.

Луѓето што, сепак, беа собрани во областа пред полноќ почнаа да се разотидува во раните утрински часови.

Во Рим, полицијата затвори некои области во центарот на градот, откако пиротехнички средства беа фрлени врз минувачите во близина на метро станицата Колосеум, објави новинската агенција АНСА, додавајќи дека нема извештаи за повредени.

Франција ја дочека 2022 година со строги мерки против Ковид-19. Во многу француски градови маските се задолжителни на отворено. Традиционалниот новогодишен огномет на Триумфалната капија во Париз е откажан, а не се дозволени здравици со шампањ на Елисејските полиња.

И покрај тоа, толпа луѓе се собраа на Елисејските полиња. Париското небо беше осветлено со само неколку огномети бидејќи продажбата на пиротехнички средства беше забранета речиси насекаде во Франција пред Нова година.

Ајфеловата кула беше обоена во сина боја со ѕвездите на Европската Унија, што го означи почетокот на француското претседателство со ЕУ.

Иако бројот на новозаразени рапидно расте во Шпанија, најтрадиционалната масовна новогодишна забава се одржа во Мадрид, откако таа беше откажана минатата година.

Околу 7.000 луѓе во Мадрид ја дочекаа Новата година на плоштадот Пуерта дел Сол, а бројот на дозволени учесници беше намален за околу 60 отсто.

Луѓето ширум земјата ги јадеа традиционалните 12 зрна грозје за среќа секој пат кога часовникот на Пуерта дел Сол ќе отчука полноќ.

И покрај големиот дневен број на заразени, Британците се радуваа и наздравија за Нова година. Во Англија можеше да се оди на забави со пропусници за Ковид. Во Шкотска и Велс, каде клубовите се затворени, прославата беше многу поскромна.

Милиони луѓе во Москва ја прославија Новата година два часа пред градовите кои се во средноевропската временска зона на ниски температури со снег и голем огномет на 62 локации и без поголеми ограничувања поради коронавирусот.

Илјадници луѓе се собраа на познатиот Црвен плоштад во Москва. Руската престолнина традиционално организира огномет на неколку локации, кои најдобро се гледаат од областа на облакодерите Москва-Сити или од Спароу Хилс.

Жителите на Истанбул заедно со туристите од повеќе земји ја дочекаа 2022 година на плоштадот Таксим, како и на други познати локации во градот, а публиката ја забавуваа диџеи. Собраните ги одбројаа последните секунди од 2021 година и со огномет влегоа во Новата година, јави Анадолија.

Новата година, не толку спектакуларна како во годините пред пандемијата, беше дочекана и во другите турски градови, јавува Анадолија.

Новата година први ја дочекаа жителите на јужниот пацифички остров Самоа и Кирибати, кои влегоа во 11 часот во 2022-та година и Нов Зеланд каде пристигна еден час подоцна.

Оваа година во Самоа беше дозволен огномет, за разлика од минатата година кога беше на забрането.

Сиднеј ја почна 2022 година со 6 тони пиротехнички средства и огномет во пристаништето. Австралијците ја дочекаа 2022 година вчера, охрабрени од надежта дека следната ќе биде подобра поради добрите вести од Јужна Африка, првата земја што изјави дека го надминала бранот од сојот омикрон на корона вирусот.

Во највисоката зграда на светот во Дубаи, висок 828 метри, Бурџ Калифа, се одржа огномет комплетно со светлосно и ласерско шоу. За време на 12-минутниот спектакл, стотици пиротехнички средства го осветлиле небото на три километри над Арапското Море.

Ќе бидат потребни 26 часа, до 13 часот денеска по средноевропско време, за целиот свет да ја дочека Новата година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.