Стотици демонстранти се уапсени од властите за време на протестите против руската „делумна мобилизација“ кои продолжија низ целата земја, соопшти организацијата „ОВД-Инфо“, јавува Би-Би-Си. Оттаму посочија дека во саботата биле приведени 724 лица во 32 различни градови.

Распространетите демонстрации избија откако претседателот Владимир Путин ги објави плановите за мобилизација на 300.000 мажи да се борат во Украина.

Неодобрените собири се забранети според руските закони. Но, потегот на Путин да привлече цивили во војската предизвика големи протести во урбаните области, при што повеќе од 1.000 луѓе беа приведени на демонстрациите претходно.

Во Москва, новинската агенција АФП објави дека била сведок на една демонстрантка која извикувала „ние не сме топовско месо“ додека полицајците ја апселе.

Некои од уапсените во саботата изјавија дека им биле дадени документи за мобилизација откако биле приведени. Кремљ претходно ја бранеше ваквата практика, велејќи дека „тоа не е против законот“.

Путин во саботата потпиша нови декрети со кои се наметнуваат казни до 10 години затвор за секој војник фатен како се предава, односно се обидува да ја напушти војската или одбива да се бори.

Претседателот, истовремено потпиша и уредби за доделување руско државјанство на секој странски државјанин кој ќе се пријави да служи една година во војската на земјата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.